Против 11 вработени во Истражниот затвор во Шуто Оризари се покренати дисциплински постапки поради пропусти во работењето, а во врска со инцидентот во кој беа инволвирани поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Директорот на затворот, Ѓоко Котевски, за „Фокус“ вели дека се чека уште на извештајот на Управата која врши надзор на работата на затворот, по што можеби ќе се зголеми бројката на вработени кај кои се евидентирани пропусти во работењето.
Станува збор за надзорници, помали и постари, вели Котевски, кои направиле битни пропусти во тековното работење.
-Со овие пропусти е доведена во прашање безбедноста на институцијата. Тие не презеле активности со кои би го превенирале настанот – изјави тој за „Фокус“.
Котевски додава дека до Влада е доставена неговата оставка, која најави дека ќе ја поднесе откако премиерот јавно го побара тоа од него.