Дисциплинска постапка за обезбедувањето на Талат Џафери по претставка на Синиша Алексовски

by fokus

Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи бара дисциплинска одговорност на шефот и двајца други членови обезбедувањето на собранискиот спикер, Талат Џафери, потврдуваат за Фокус од МВР.

Постапката е отворена по барање на Синиша Алексовски, поранешниот разузнавач и поранешен советник на претходниот претседател, Ѓорге Иванов кој беше повикан во полициска станица бидејќи наводно пред речиси два месеца го снимал Џафери пред Собрание.

– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККПС) констатира дека двајца полициски службеници од Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието постапиле спротивно на правилата и прописите на МВР (чл.11, став 1, алинеа 3 од Правилникот за работите за обезбедување на личности и внатрешно обезбедување на објекти). Едниот од нив, исто така, постапил и спротивно член 3 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи. Воедно  било констатирано дека раководниот работник при ОЗОЛО иако бил запознат за преземените мерки на двајцата полициски службеници во врска со неовластено снимање, одлучил да не подготви поднесок со што постапил спротивно на чл11, став 2 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи. ОВККПС против тројцата полициски службеници поднесе иницијатива за поведување на постапка за утврдување дисциплинска одговорност, согласно одредбите од чл.208 став 1, точка 10 од Колективниот договор на МВР до овластениот предлагач, велат од МВР за Фокус.

Алексовски беше повикан во полициска станица за неовластено снимање на возило на државен функционер. Обвинителството констатирало дека нема елементи за постапување.
Алексовски ова го нарече очаен обид за негова дискредитација.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој дојде на министерското место од Агенцијата за разузнавање се обиде да го префрли Алексовски во МВР и да го назначи за свој советник, но не успеа. Неодамна, претседателот Стево Пендаровски под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање соопшти дека Алексовски е отпуштен од Агенцијата бидејќи не добил безбедносен сертификат.

Ф.Ф.С.

Синиша Алексовски бил во полиција заради неовластено снимање на возило на државен функционер

Алексовски за повикот во станица : Очаен обид за моја дискредитација!

 

Поврзани новости