Заев: Не постои друг датум освен 21 јуни, избори ќе има и од тоа нема бегање

by fokus

Избори ќе има и од тоа нема бегање, не постои друг датум освен 21 јуни, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев по лидерската средба кај Пендаровски.

Сепак не одговори, односно рече дека сега нема одговор за тоа дали ќе одат на избори на 21 јуни, ако опозицијата ги бојкотира и за тоа ќе се носи допрва одлука.

Овој негов став, Заев го образложува со тоа што, според него не постои друг правен акт, освен уредбата која ја донесе владата за избори, според која изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојбата. Тој вели дека не постои друга правна алтернатива за избори, а без притоа да бидат прекршени Уставот и законите. Таквите избори, вели Заев, може да го оспори и еден граѓанин.

Тој се повика на извештајот на Комисијата за заразни болести, според кој како што рече Заев, како изминува времето се зголемува ризикот од заразување со отворање на границите и училиштата.

-Неодговорноста и мислењето на партиската фотелја на Мицкоски не доведе до тоа да немаме договор, рече Заев. Вели дека Мицкоски барал гаранција дека до крајот на август и почетокот на септември ќе нема ниту еден заразен и починат. Засега нема договор за избори и најава за друга лидерска средба.

Поврзани новости