Дисциплинска постапка против тројца полицајци за несоодветно постапување со новинарката на „Фокус““

by fokus

МВР денеска објави дека Одделот за внатрешна контрола покренал дисциплинска постапка против тројца полициски службеници поради несоодветно извршување на работните задачи во случајот со новинарката на „Фокус“, Вики Клинчарова.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР постапувајќи по пријава од Здружението на новинари на Македонија за непрофесионално полициско постапување на 11.08.2022 кон новинарката на Фокус В.К. од Неготино, а во врска со поплака од страна на жена од Неготино која на 08.08.2022 удрила малолетник со автомобил на улица ,,Маршал Тито” во Неготино, за што новинарката објавила текст, утврди несоодветно извршување на работните задачи од полициски службеници и поради тоа ќе бидат изречени дисциплински мерки односно ќе биде поведена дисциплинска постапка против тројца полициски службеници, согласно колективниот договор, соопштија од МВР.

Тие додаваат дека МВР останува посветено на одличната соработка со новинарите и Здружението на новинари на Македонија и без никаква толеранција за вакви и слични случаи, кои ќе бидат соодветно санкционирани.

Полициски службеници од Полициска станица Неготино вчера дојдоа на домашна адреса на новинарката Вики Клинчарова од „Фокус” поради службен разговор, односно поради Предупредување поради поплака од страна на жената возач која на осми август удри 11-годишно дете со автомобил на улица ,,Маршал Тито” во Неготино.

Според Предупредувањето кое полициските службеници и го доставија на Клинчарова за потпис, а кое таа не го потпиша, жената возач, која инаку не е именувана во текстот, не се објавени нејзини иницијали ниту пак со какво возило се случила несреќата, бара новинарката да биде предупредена дека објавила невистинита содржина за случената сообраќајка.

Новинарката Клинчарова покрива теми од дневни настани во ,,Фокус”, а случајот со предупредувањето го цени како обид за заплашување на новинари, посебно ако се земе предвид податокот што сопругот на пријавителката е полицаец.

Поврзани новости