Дистанца за објектите не оди заедно со интернет игри на среќа!

by Fokus

Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ смета дека повторното актуелизирање на скандалозните и противуставни измени на Законот за игри на среќа со ЕУ знаме е вовед во целосното затворање на објектите и оставање на 10 илјади вработени на улица.

Апсурдно е да се претставува дека дистанцата од 500 метри од образовни институции ќе ги задоволи противниците на легалните игри на среќа, кога во исто време Државна лотарија спроведува постапка за отворање на три нови компании кои ќе организираат онлајн игри на среќа, каде секој ќе може да игра од својот мобилен, без разлика каде се наоѓа. Едноставно, дистанца не оди заедно со организирање игри на среќа преку интернет. Ова што сега се случува укажува дека некој мисли дека актуелниот строго регулиран систем на игри на среќа треба да биде затворен! Со цел да се остварат нечии лични бизнис интереси преку фирми кои без ниту еден вработен ќе приредуваат игри на среќа преку интернет. Многу не интересира со кои аргументи ќе се убедува сега јавноста дека младината е повеќе загрозена од излозите на објектите отколку од онлајн игрите на среќа.

Згрозени сме од леснотијата со која Државата брутално, на повеќе нивоа се пресметува со најголемиот приватен работодавец. Бројот на луѓе кои работат во секторот на игри на среќа е поголем од бројот на жители во неколку општини вкупно во источна Македонија. Нели се свесни сите политички партии дека ние можеби сме гласале за нив на избори? Како е можно никој да не води грижа што ние заедно со своите семејства ќе мора да си ја бараме егзистенцијата во западните земји, каде повторно ќе работиме во истиот сектор. Затоа, што во нашите професионални вештини е инвестирано преку бројни обуки по највисоки светски стандарди за организирање игри на среќа.

Јавно прашуваме: Која ЕУ директива предвидува затворање на легалните игри на среќа? Која ЕУ директива предвидува затворање на објекти за сметка на игри на среќа преку интернет? Која ЕУ директива предвидува оставање 10 илјади вработени на улица? Која ЕУ директива предизвикува игри на среќа на црно, без лиценци и контрола од Државата? Ние одговорите ги знаеме, ниту една! Не постои ЕУ директива која може да ги покрие противуставните и скандалозни измени на Законот за игри на среќа.

Бидете сигурни дека ќе се бориме со сите демократски средства за да ги заштитиме нашите права. Нашето трпение е при крај. Нема да дозволиме да бидеме жртви на политички пресметки. Ќе излеземе на масовни протести за да видите со колку човечки судбини си поигрувате. Повлечете се од нечесните намери. Тргнете ги од дневен ред законските измени пред да стане доцна!

Здружение на вработени во сектор игри на среќа
САКАМ ДА РАБОТАМ

Поврзани новости