Дискусија за корупција и заробени институции: Македонија тоне во скандали

by Фокус

Челниците на власта не го пријавуваат целокупниот имот кој се должни да го обелоденат, Државниот ревизор иако свесен за корупцијата не ги гони од криминал, а политичките „бомби“ на опозицијата со секое ново објавање, даваат до знааење за јасен криминал,информираа од платформата „Граѓаните за Македонија“. Целото соопштение ви го пренесуваме интегрално:

Ваквата практика е скандалозна и челниците од актуелната власт под итно треба да понесат одговорност на чело со премиерот Никола Груевски, порачаа на вчерашната дискусија во антивладиниот камп на тема „Заробена држава – причини за корупција во Република Македонија“  говорниците Наталија Поповска – претседателка на Транспарентност Македонија,  Ана Јаневска Делева, извршна директорка на Транспарентност Македонија и Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии и економски аналитичар.

Според претседателката на невладината „Транспарентност Македонија“, Наталија Поповска, системската корупција во земјава оди и до купување закони.

– Кога зборуваме за заробена држава, зборуваме за партизирана држава. Поврзаноста со заробената држава со корупцијата не значи давање и примање мито туку се однесува на системската корупција.

Концептот на заробена држава подразбира структурна корупција во која се користат механизми со помош на кои политичките и економските елити ја заробуваат државата, разменувајќи политичка моќ и богатство. Во тие механизми спаѓа и купувањето на закони, преку заробувањето на Парламентот.

Во заробената држава правниот систем е ставен во служба на нелегални интереси кои се прикриени во правна норма.

Борбата за ослободување на заробената држава и нејзиниот монопол и спрегата која се одвива меѓу државата и бизнисот е услов над сите услови во Македонија кој треба да се расчисти, со криминалот, насилството, прикривањето на злосторставата и да се расчисти со политичката полиција. Сите овие сегменти помагаат во одржувањето на националистичката идеологија и тоа ја легитимира партиската држава, ги маргинализира интересите на граѓаните, ја спречува еманципацијата на општеството и државата, и ја брани неказнивоста на злосторството и на грабежот, рече во своето излагање Поповска.

Ана Јаневска Делева ја повика Државната комисија за спречување корупција да образложи зошто имотната состојба на функционерите не е во целост приложена. Таа го посочи  примерот со екс министерката Гордана Јанкулоска, за која според информациите на Антикорупциска очигледен е судир на интереси и нетранспарентност.

– Анкетниот лист на веќе поранешната министерка е изваден од страницата на Антикорупциска комисија. Законски, тие информации мора да се одновуваат односно треба да стојат еден месец откако таа пдонела оставка и да поднесе дополнителни информации доколк има промена на имотот. Од тоа ништо нема објавено. Има судир на интереси бидејќи нејзиниот сопруг е вработен во Владата на Република Макеоднија но оние информации кои ги има дадено е дека тој е член на Управниот Одбор на трговското претпријатие Јасен, што е судир на интереси, посочи Делева.

Делева  вели дека преку Транспарентност, досега во неколку наврати побарани се одговори од надлежните за тоа колку чини проектот Скопје 2014, но една од побиарните случки биле кога претходниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ пред неколку години и одговорил дека таков проект нема.

Делева тврди дека  Државниот завод за ревизија има пронајдено доста криминални скандали и во министерството за земјоделство, како и во проектот „Скопје 2014“ и го повика да не го толерира незаконското трошење на јавните пари.

-Ќе го повикам Државниот завод за ревизија дека не смее да ги толерира утврдените незаконски и нерационални трошење на државните средства, бидејќи резултираат со продолжување на ваквите незаконски практики. Кога веќе тие се институција која тоа го констатирала, значи треба да преземе некакви мерки треба да ги гони кривично сторителите, односно министрите, рече таа.

Според  поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, народот е сосема во право што ја губи довербата во надлежните, бидејќи од денешен аспект според него веќе е срамота да каже дека бил министер.

-Стана срам да кажеш дека си бил министер, затоа што веќе од она што сме сведоци последниве години навистина народот во право е кога дефинитивно нема доверба дека тој бил чесен.

Многу пати досега на јавни трибини сум зборувал дека оваа власт практикува ненормално и неморално владеење и дека диктаторите во историјата завршувале на три начини: срамно, драматично и трагично. Ние имаме сега дека срамно ќе заврши  – тоа може да се рече дека е случено. Ние не слушаме што вика Заев туку што вика министерот и ова Мора да престане.

За корупција кога станува збор убедливи се да зборуваат тие што биле во можност да бидат корумпирани ,а не станале. Не е вистина дека Владата дава, донира, Владата не создава ниеден денар туку зема од народот  и дава кому сака, дава на својата партија, на своите активисти, тоа се практикува во овие години. Имаме 5 министри за привлекување инвестиции. Ниедна земја нема толку , а има инвестиции, ниеден премиер не трча низ светот на роуд-шоуа од каде нема ниедна инвестиција. Ми се заканија со едно соопштение од Министерството за финансии дека јас го уривам  угледот на Владата. Кој урива углед? Тој премиер  кој доцни на сите средби?

Тој ја срами државата. Кога јас бев министер за финансии мајка ми не купи четири стана, вели Хајредини.

-Кога слушам јас како премиерот командува со буџетот, тоа што сум зборувал јас за финансиите во извештаите на ЕК секоја година пишува дека квалитетот на управување се влошува. Никој тие констатации не ги спомнува. Најверодостојниот опис го даде Зоран Ставрески за финансиите. Каде е моралот негов утредента да го тера премиерот да излезе и за жалење да каже дека се е во ред и да излезат пак пред луѓе? Еве што тој ни помогнал – не задолжил. Па ние ќе ги вратиме тие пари.

Ние имаме премиер кој е фатен во грабеж, и тој додека е премиер има имунитет, меѓутоа еден ден кога нема да биде премиер он треба да биде кај истражниот судија. Фатен е во скандал и криминал, а глуми нормалност. Јас кога бев министер, буџетот беше најмалку три пати помал од сега. Не сме имале никакви проблеми, сиромаштија била , ама после 25 години иста е состојбата. Ниеден денар од буџетот не пренесувавме во фондот за пензиско. Сега во фондот за пензиско одат повеќе дотации, отколку јавни инвестиции. Тоа  е она што оваа држава ја доведе во ситуација со години да остане во сиромаштија, странските инвестиции најмали во светот.   Нема овде две страни, има една страна која е фатена во грабеж која треба да одговара па после да има право некој друг да преговара. Груевски мора да заврши во затвор затоа што крадел.

Ако претседателот на Владата со десетина соработници, сите учесници во овој криминал, ако првиот чекор се земе во оваа држава, тој треба да биде повикан на одговорност , а после се друго ќе биде лесно, вели Хајредини.

Вчерашната дискусија се одржа на 30. ден по ред откако граѓаните кампуваат пред објектот на Владата на Република Македонија. Секој ден во Кампот на Слободата се организираат дискусии на раззлични теми поврзани со актуелната состојба во секој сектор и со предлози за нивно корегирање во иднина.

 

 

 

Поврзани новости