На 44-тиот ден пред владата, на вчерашната дискусија насловена „Сами да одлучуваме за сопствената иднина – улогата на политичките подмладоци“, лидерите на подмладоците на опозициските партии порачаа дека токму тие се првата борбена линија против лошите политики на премиерот Никола Груевски. А тоа е резултат на секојдневното иселување на младите од Македонија.
Учесници на дискусијата беа претседателот на Социјалдемократската младина, Стефан Богоев, лидерката на младите во НСДМ, Тамара Баара, потоа Џабир Доко, претседател на младината на Партија за движење на Турците, Стефан Миноски, претседател на ЛИДЕМ и Мурат Мустафа, младина на Движењето за национално единство на Турците.
– Сведоци сме сите кои гледаме како младите одат да работат преку “work and travel” во Америка, млади кои одат по работа во Грција, Германија, Италија. Светска банка, која не е ниту на СДСМ, ниту на Сорос, вели дека 250.000 млади луѓе ја напуштиле Македонија. Ова се податоци од пред три години, замислете за колку пораснала таа бројка и во последните три години, рече Богоев при своето обраќање.
Тој рече дека младинската невработеност е број 1 од “резултатите“ на владеењето на Груевски.
– Едно неодамнешно истражување на една невладина организација, 75 проценти од испитаниците велат дека во период од 10 години се гледаат себеси на друго место, а не во Македонија, напомена лидерот на СДММ, кој рече дека токму невработеноста кај младите, и неможноста да најдат работат во земјава според своето образование, ги носи на пат, односно на берби на грозје во Италија, да работат како келнери и шанкери во Грција, Малт, Германија..
Тамара Баара го постави едно од најважните прашања кога се во прашање младите, а тоа е како да се вратат оние млади кои ги оставиле своите најблиски, своите семејства и комфоротовде?
– Изместени се приоритетите на оваа влада, и нејзиното заминување е неизбежно, заклучи таа притоа потенцирајќи ги податоците од Светска банка за младинската невработеност во Македонија, и иселувањето на младите.
Од друга страна, зборувајќи за нејзиниот подмладок во НСДМ, таа рече дека успешно се интегрираат во партијата и се почитувани, а од 36-те советници кои ги има партијата низ Македонија, седуммина биле млади кои ги генерирале своите идеи и на централно и на локално ниво.
Џабир Доко, претседател на младината на Партија за движење на Турците смета дека не е случајно што 250.000 млади луѓе заминале од Македонија.
– Тоа е така бидејќи секој втор млад човек е невработен и не може да најде работа во Македонија. Воопшто не е добро пласирањето на максимата на владата “Знаењето е сила, знаењето е моќ“, кога од друга страна дипломите ги заменувате со политички книшки, забележа Доко.
Тој во текот на своето обраќање пред публиката во Кампот на слободата, и забележа и на Агенцијата за млади и спорт, за која рече нема ниту еден проект за таму каде што доминира некоја друга етничка заедница.
– Груевски и неговите соработници немаат намера да ја сплотат Македонија, рече тој.
Една од неговите поенти за време на дискусијата беше и дека, македонскиот народ од сите етнички заедници, мора да го надживее, како што рече тој, “митот“ за Рамковниот договор.
– Ние мора да се оттргнеме од митот на Охридскиот рамковен договор според кој се е сведено на бројки. Ние треба да создадеме квалитетни кадри а не да се вработуваат нестручни лица на виски државни места само заради Рамковниот, заклучи Доко.
Според претседателот на ЛИДЕМ, Стефан Миноски, најголемото вработување на младите во Македонија е нивното иселување во странство.
– Ние младите мора стратешки да размислуваме како тој број од 250.000 млади иселени да ги вратиме назад. Бидејќи Груевски е во заминување, најважното прашање е што понатаму? Оваа држава е во толкави долгови кои ги направи оваа криминална банда, рече Миноски.
Според лидерот на младината на Движењето за национално единство на Турците пак, Мурат Мустафа, власта ги користи младите во вид на штит, а младите активисти не можеле да ги изразат своите волја и став од закана од невработеност.
Тој при своето обраќање, отвори и уште едно друго важно прашање.
– Луѓето кои активно бараат работа во Заводот за вработување, со задоцнување на пријавувањето од еден ден, се бришат, и тие не си ни вработени ни невработени. Ова е заклучокот од мојата дилема како младите се иселуваат а невработеноста, владата вели, се намалувала, посочи Мустафа.
При вклучувањето на неколку постари граѓани од публиката, на крајот од дискусијата, на младите недвосмислено им беше укажано дека ја имаат поддршката на постарите, а на самиот крај, претседателот на СДММ, Стефан Богоев, кој воедно и ја модерираше целата дискусија, порача дека со Груевски веќе било расчистено, а тие младите се првата ударна бригада на слободарската армија а прогонот на младите завршува.