Директорот на Зоолошката градина во Скопје, Ѓорѓи Галетановски поднесе оставка. Неговата одлука ја соопшти преку статус на неговиот Фејсбук профил, но во него ги нема наведено точните причини зошто се откажува од функцијата.
-Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки.
Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници.
Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех.
Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети, пишува Галетановски.
Тој им се заблагодари на медиумите, спонзорите, донаторите, Здруженијата за животни, а најмногу на вработените во Зоо Скопје.
-Се надевам дека Зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција. Јас денес се враќам на улица, достапен во секое време да придонесам за подобра иднина на државата и младите, соопшти Галетановски.
Оваа негова одлука следува откако на локалните избори за нова градоначалничка беше избрана, Данела Арсовска, која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Досега градот го водеше, Петре Шилегов, кадар на СДСМ.