На вкупно 19 лица вработени во јавното претпријатие „Водовод и канализација“ им е прекинат работниот однос по налог на Трудовата инспекција, вели директорот, Душко Весковски, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека повеќе од дваесет вработени добиле отказна честитка пред Нова Година.
Директорот тврди дека не се работи за 26 лица, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, туку за 19. Станува збор за лица од кои 17 биле вработени годинава, а две во 2015 година, иако не ги исполнувале критериумите.
-Трудова инспекција во септември влегла во претпријатието во врска со нови вработувања. Во јуни годинава со оглас биле вработени 106 лица, а инспекторите констатирале дека 19 од нив не ги исполнувале критериумите, односно не се вработени на соодветните места. Истото е констатирано за две лица вработени во 2015 година, по што било наложено огласот за нив да се поништи – вели Весковски за „Фокус“
Државниот инспекторат за труд покренал прекршочни постапки против претпријатието, но и против претходниот директор, Александар Атансов, кои се во тек. Весковски додава дека само постапуваат по решението на Инспекторатот.