Иванов: УБК е жариштето на сите политички кризи, а семејните врски во службата се основа за злоупотреба

by Фокус 13:32
13:32

Жариштето на речиси секоја политичка криза во Македонија е лоцирано во Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка, изјави претседателот Ѓорге Иванов пред пратениците.

-Последнава политичка криза беше можност заедничкиот именител на сите кризи да се разоткрие, демистифицира и се деконструира. Овој генератор на политички и безбедносни кризи е препознаен и јасно посочен во итните реформски приоритети на Европската Унија, односно извештајот на Прибе, каде стои дека причините за долготрајниот скандал во Република Македонија може да се бараат како во концентрацијата на власт во рамките на националната безбедносна служба и во лошото функционирање на механизмот за надзор над УБК – рече Иванов.

Тој додаде дека од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани, што според него, е основа за сомнеж дека се уште постои злоупотреба на системот.

-Се предлагаат закони за основање на Оперативна техничка агенција и за следење на комуникациите. На прв поглед, се имплементираат ургентните реформски приоритети на Унијата. Сепак, тука има неколку проблеми. Прво, во овој процес отсуствува вклученост и дијалог со субјектите кои носат одлуки за реформите во УБК. Второ, оние кои треба да се реформираат, сега ни ги водат реформите. Оние кои доаѓаат од театарот на генерирање кризи, сега ни нудат решенија за излез од кризи. Семејните врски и конфликтот на интереси на персоналот во УБК се основа за злоупотреба и несовесно работење во службата. Трето, со предлог-законските решенија не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската Комисија – истакна Иванов.

Воедно, тој посочи оти решенијата се наоѓаат во постојниот Закон за внатрешни работи, според кој одговорното лице уште сега може да иницира измена на внатрешните акти за да ја промени структурата на УБК и да го издвои Одделот за оперативна техника како самостојна организациона единица во состав на МВР.

-Ништо не го спречува уште сега да пропише посебни услови за работните места на полициските службеници, кои вршат и водат постапки за следење на комуникации и полициски операции. Со тоа веднаш ќе отстрани дел од суштинските забелешки на Прибе до наоѓање на општоприфатлив модел за следење на комуникации. Научените лекции од минатото посочуваат дека отсуство на ветинг – процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење – нагласи Иванов.

Поврзани новости