Директорот на училиштето во Аеродром: Не ги линчувајте децата, доволно се истрауматизирани!

by fokus

-Не ги изложувајте децата на линч и јавна осуда, бидејќи тие не се насилници, туку едноставно направиле непромислена работа, со несериозната и опасна игра – за ,,Фокус” тврди Александар Филипчев, директор во ОУ ,,Ѓорѓија Пулевски” во скопски Аеродром.

Настанот за кој денес известија речиси сите медиуми ја потресе јавноста и повторно ги отвори прашањата околу тоа што се случува во училиштата и како да се стави крај на насилството помеѓу соучениците.

Според МВР, во полициската станица Аеродром Е.Ц. (50) денес пријавил дека на 28 септември во училиште во Аеродром се случило насилство. Пријавено било дека во периодот од 10:30 до 11:00 часот во основно училиште во населбата Аеродром, за време на малиот одмор, четири малолетници-ученици во училиштето фатиле за нозе и раце нивна 14-годишна соученичка, го отвориле прозорецот од училницата што се наоѓа на приземје и ја фрлиле на земја. Девојчето се здобило со телесни повреди.

Сепак, директорот Филипчев вели дека станува збор за непромислена игра, која децата, инаку одлични ученици со примерно поведение, ја практикувале околу две недели наназад, без знаење на наставниците, за време на одморите. Тие на шега скокале од прозорецот, а според него, настанот прв во полиција го пријавил друг родител, татко на друго девојче кое учествувало во ,,играта” уште во петокот, а не на ученичката за која се пишуваше дека е повредена. Нејзиниот татко пријавил во полиција денес.

-Ние дознавме за играта во петокот и веднаш реагиравме. Ги повикавме сите деца и нивните родители на состанок, а денес одржавме и совет, при што на учениците учесници во скокањето од прозор, односно на четири деца, им е намалено поведението. Сите останати од одделението кои биле сведоци на настанот, па дури и снимале со мобилните, добија усна опомена.

Децата беа видно вознемирени и сфатија дека згрешиле. Потенцирам дека се работи за одлични ученици, кои никогаш ниту биле насилни, ниту пак правеле било какви проблеми. Поради нивната непромисленост во случајов, тие не заслужуваат да бидат жигосани како силеџии кои фрлаат соученички низ прозор. Ова е голема траума за сите нив, и барам разбирање од јавноста. Сите се извинија, ветија дека нема да се повтори ништо слично, а доколку не направат никаква грешка, до крајот на учебната година ќе им бидат отповикани казните. Навистина, сите се истрауматизирани. Инаку, тие се дружат, се надевам дека по ова, нема да се прекине и нивното другарство – вели директорот.

Додава дека уште во петокот во училиштето дошла полиција и инспектори кои се детално запознати со случајот.

-Надлежните органи ги знаат сите детали. Некои од учениците дури и снимале додека траела нивната игра со скокање од прозорецот, и на снимките јасно се гледа дека нема тука тепачка или насилство, сите деца се смеат, несвесни за последиците од нивните постапки. Снимките не би објавил во јавност, со цел да се заштитат децата, но надлежните органи слободно можат да видат за што станува збор. Мислам дека ова е добра лекција за сите ученици, дека некогаш може играта да тргне по лошо, и непотребно да настане ваква немила ситуација. Уште еднаш апелирам до јавноста да не суди пред време, туку да покаже разбирање за настанот, бидејќи сепак, станува збор за 14 годишни деца, кои длабоко се покааја за слученото – изјави Филипчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости