Директорот на училиштето по чии ученички се трагаше со детали за екскурзијата

by fokus

Повеќе од осум часа траеше агонијата на родителите чии девојчиња вчера се изгубија во Скопје, за време на екскурзија организирана од нивното основно училиште ,,Гоце Делчев” од Босилово. Девојчињата на возраст од 12 и 14 години биле пријавени во полиција за изгубени околу 16 часот, од страна на нивната наставничка. Им се изгубил траг во Веро Џамбо.

По масовната потрага на МВР, но и на голем број граѓани, кои самоиницијативно се организираа преку социјалните мрежи, ученичките беа пронајдени десеттина минути пред полноќ, од страна на полицијата, во близина на Стара рампа, недалеку од местото каде последен пат биле забележани.

Како што ни потврдија од МВР, во добра состојба, но поради нивната возраст не можат да откриваат повеќе детали за јавност.

Што се случувало со нив во тие осум часа, додека масовно се трагаше низ целиот град, нема информација. Настанот ја вознемири целата јавност, а како што појаснува директорот на ООУ ,,Гоце Делчев” Босилово, Стево Божинов за ,,Фокус”, учениците заедно со наставниците заминале во посета на Саем за книга, по што отишле во Веро Џамбо да ручаат и да се прошетаат низ продавниците.
Вели дека настанот за сите бил огромен стрес.

-Станува збор за екскурзија во која учествуваа 123 ученици и 19 наставници. Значи, еден наставник бил задолжен за шест до седум ученици, што значи дека тоа е доволен број за да се има контрола над ситуацијата. По посетата на саемот групата дошла во Веро Џамбо, бидејќи туристичката агенција која е организатор имала договор со некој од рестораните, каде децата ручаат, а потоа било предвидено да се прошетаат во кругот на Веро Џамбо. Заминувањето беше планирано во 16 часот, групата се собрала во 15.50, а двете ученички се одделиле под изговор дека го заборавиле паричникот.

Повеќе детали не можам да откривам, но откако девојчињата не дошле, наставничката пријави во полиција, по што започна потрага по нив.
Кога бев информиран за настанот и јас од Босилово се упатив кон Скопје. Цела ноќ баравме, трагаше полицијата, но и луѓе од Струмичко. И наставничката остана со нас, до крај. Се вративме дома во пет часот наутро, олеснително е што настанот заврши добро, но се уште сме вознемирени поради случката – појаснува директорот.

Додава дека на наредниот училишен Совет ќе се разговара за настанот и околу тоа дали и какви постапки или дисциплински мерки ќе бидат превземени. Потврдува дека ученичките по кои се трагаше во иднина ќе бидат суспендирани од сите планирани училишни екскурзии.

Вики Клинчарова

Поврзани новости