По вчерашниот упад во Македонска навигација (М-НАВ), при што насилници нападнаа и истепаа контролори на летање, претседателот на Управниот одбор и извршен директор Фахрудин Хамиди за денеска во 14 часот закажа прес-конференција, која ќе се одржи пред административните простории на М-НАВ АД Скопје на улица „Македонија“ бр 25, Палата „Лазар Поп Трајков“.
Во упадот учествуваше и ексминистерот Беким Незири, кој со својата картичка ги пуштил другите насилници да влезат во кулата за контрола на летање. Како што соопшти МВР, синоќа се приведени четири лица. Во полициска станица на распит е повикан и Незири, а се трага по уште четири лица.
Упадот се случи вчера попладне по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, на која тој информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.