Директорот на Клиничкиот центар во Ниш: Состојбата на пулмологот Ѓорчев не е последица на вакцината

by Fokus

Директорот на Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Зоран Перишиќ, денеска изјави дека состојбата на 73-годишниот пулмолог Анѓелко Ѓорчев од Скопје, кому му се слоши во салата „Чаир“ во Ниш по примената вакцина против ковид-19, е непроменета и тој сè уште е во кома.

Меѓутоа, неговата состојба, вели докторот, не е последица на вакцината.

-Анализите покажаа дека неговата состојба не е последица на примената вакцина, изјави Перишиќ за агенцијата Бета.

Како што рече, лекарите исто така ги елиминирале срцевите проблеми како причина за несвесната состојба бидејќи била извршена коронарна ангиографија и била проверена состојбата на четирите бајпаси што ги имал пациентот од претходно.

Веста дека Македонец паднал во кома ја пренесоа српските медиуми, а во текот на вчерашниот ден, пак, стигна и потврда дека станува збор за познатиот пулмолог Ѓорчев.

Синоќа се огласи и неговиот син, поранешниот пратеник Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека татко му е во длабока кома, на респиратор и се бори за живот. Ѓорчев посочи дека неговиот татко со уште неколку свои колеги – доктори во неделата тргнал за Ниш за да се вакцинира зошто неговата земја потфрлила со вакцините.

 

Поврзани новости