Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска положувајќи свежо цвеќе на спомен обележјето, оддаде почит на загинатиот бранител и македонски херој Бобан Трпков, кој загина 2001 година во тетовско извршувајќи ja својата полициска должност.
-Бобан не беше само име и спомен, тој беше човек што го познавав лично. Наш колега, пријател, човек со големо срце и со идеал за служба кон народот и татковината. Како и многумина, ја носеше униформата со чест и гордост, исправен пред сите предизвици и закани, за да обезбеди мир и сигурност во кои денес ние живееме.
За жал, најскапоценото што го имаше својот живот го остави во аманет на Македонија. Зад себе остави семејство кое 24 години живее со болката и тагата, но и со гордоста што нивниот најблизок е запишан во историјата како херој. Токму затоа, наша должност и моја лична обврска е тие никогаш да не бидат заборавени. Нашата почит кон нив не е само збор, туку обврска нивната жртва секогаш да биде достојно одбележана, потенцираше директорот Јанев.
Денес, во негова чест, се одржува 24-тиот меморијален турнир во мал фудбал симболичен начин преку кој се потсетуваме на неговото живеење, на работата, на другарувањето.
-Хероите како Бобан живеат вечно. Тие се нашата совест, нашиот патоказ и нашата обврска. Историјата нè задолжува да ја чуваме нивната чест и храброст, затоа што тие, како и сите што ја дадоа својата младост и живот за Македонија, се вечниот темел на нашата слобода и мир, нагласи Јанев.


