Медицинската директорка на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисарова апелира што побрзо да се посочат виновниците за злоупотребите на Клиниката и уверува дека откако е таа директорка не се прават никакви манипулации со лековите.
-Во врска со постапката која е во тек во нашата институција и за која сите сте запознаени можам да ве уверам дека како организациски тим, ние сме целосно достапни на надлежните и истражните органи со цел, брзо откривање на виновниците. Замолуваме час поскоро надлежните органи, да донесат одлука, ако има виновници, да ги именуваат.
За нашата клиника ова е од непроценлива и огромна важност. Зошто? – За да се отфрли таканаречената колективна вина која сега се наведнува над целата наша институција, односно над целиот медицински тим, што ја руши довербата пациент- лекар и директно се одразува на здравјето на нашите пациенти.
Од мое лично име и од името на стручниот колегиум на Клиниката за радиотерапија и онкологија, најостро го осудуваме, секое несовесно и нестручно работење, со молба и апел, кон сите надлежни секако и вас медиумите да не се генерализира проблемот врз целиот медицински тим.
Сакам посебно да се обратам на пациентите, ќе се обратам како специјалист доктор.
Одговорно им тврдам на пациентите, откако сум јас, значи зборувам за периодот од ноември 2022 година, одговорно тврдам, сите ги уверувам, дека секој пациент, ја добива препишаната терапија, согласно индикацијата, дозата, типот на лекот, според тоа што неговиот соодветен ординирачки лекар тоа ќе го постави, без никаква манипулација со лековите.
Одговорно ви тврдам и ве уверувам во истиот период од ноември 2022 година, кога сум на оваа позиција дека стручниот колегиум, на клиниката во најголем дел работи високо професионално, правиме се за нашите пациенти. Заживеани се утринските состаноци, тоа е од првата недела, да не речам првиот ден на мојата позиција. Формиран е онколошки конзилиум во кој што учествуваат најголем дел од стручниот колегиум, од колегите како најискусни одговорни раководители на соодветните оддели. Од секоја од тие седници постојат и уредно заведени записници кои што како документ може да ви станат и достапни, доколку е потребно. На тој онколошки конзилиум се реферира буквално пред сите нас, секој пациент кој треба да започне терапија со било кој лек од таканаречениот условен буџет, тука припаѓаат лековите кои што не се ставени на позитивна листа.
Ажурирани се клиничките протоколи, стручниот тим работи по ажурирани, обновени, работни верзии и упатства, за дијагноза, третман и секако следење на нашите пациенти, со верифицирана малигдна болест.
Воведени се повеќе безбедносни мерки за следење на лекот од влез во Клинката до аплицирање кај пацинет. Една од безбедносните мерки е ограничен број на сестри, точно по распоред секој ден се знае која сестра доаѓа во допир со нерастворен лек, тој влез е строго ограничен и не е отворен за сите сестри од дневната болница.
Сето ова што го кажувам го тврдам одговорно и замолувам пациентите да ни дадат можност да ја вратиме довербата, се вели во изјавата на Клисарова.