Се уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале после војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него.
Ова вчера преку Фејсбук го порача поранешната директорка на Заеднички служби на Клинички центар, а сега член на УО на Телеком, Шкодране Дардишта, од редовите на ДУИ.
На ова прво реагираа од Левица. Пратеникот Борислав Крмов иронично порача дека ова во нашиот политички дискурс е потполно легитимно за разлика од фашизмот и нацизмот на Левица нели!?
Утринава реагираше и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кој напиша дека оваа изјава на Дардишта го натерала да и одговори во нејзин стил, уверен дека ваквата популистичка, заканувачка и распалувачка реторика веќе не минува кај мнозинството македонски граѓани.
-Г-ѓо Шкодране Дардишта, вие можеби сѐ уште ги имате вашите стари чизми на таванот во старата куќа но ние, во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаме нови гојзерици. Верувам дека некои од вас се’ уште ги кријат и своите стари пушки но ние, во нашата заедничка македонска Армија имаме современо оружје и воена техника. Можеби вие сте подготвени за час да ги извадите белите патики и да облечети чизми но некои од нас чизмите не ги соблекоа никогаш. Патем, вашите некогашни пријатели денес се и наши пријатели а нашата заедничка држава денес е членка на НАТО, напиша Ангелов.
Тој и порача на Дардишта да го намали “патриотско” доживување, бидејќи обидот за обезбедување на ново парламентарно мнозинство, колку да не им се допаѓа, е сепак само обичен политички, демократски процес во кој учествуваат и две партии на Албанците од Македонија.
-Или, можеби тие се помалку Албанци од вас? Г-ѓа Шкодране, на нашата заедничка татковина, Македонија, и треба стабилност, безбедност и мир, членство во ЕУ, демократија и економски напредок. За жал изјави како вашите не’ не водат во тој правец. Затоа сосем за крај, апелирам до вас, бидете дама, оставете ја воинствената и распалувачка реторика на која најчесто наседнуваат младите, и, наместо со закани за војна, против политичките процеси борете се со политички и демократски средства, напиша Ангелов.