Директорката на велешкото шумско стопанство Бабуна, Љубинка Попова, заедно со возачот од ЈП Национални шуми се пуштени на домашно лекување, откако на двата последни тестови покажале негативни резултати на вирусот.
За нејзиниот сопруг се чекал резултатот од вториот тест, кој доколку биде негативен, и тој ќе биде пуштен на домашно лекување.
-Јас и возачот сме веќе дома, во одлична здравствена состојба сме. Мојот сопруг на првиот контролен тест беше негативен, денес се чека и вториот, според процедурата, па доколку биде негативен, и тој ќе биде пуштен дома. Јас бев асимптоматски случај, поминав без симптоми. И кај возачот се помина во најдобар ред, многу сме задоволни и благодарни на медицинскиот персонал – ни изјави Попова.
Таа заедно со возачот во претпријатието и нејзиниот сопруг беа првите позитивни случаи на корона вирус во Велес. По отпуштањето од болничкото лекување, им следуваат 14 дена во домашни услови.
Попова набргу по добивањето на позитивниот резултат, на 25-ти март, за ,,Фокус” раскажа за случајот, потенцирајќи дека и покрај тоа што заболените не треба да се именуваат во јавност, одлучила јавно да раскаже, бидејќи сметала дека вирусот не смее да биде табу тема.
-Посакувам никој никогаш да не го добие вирусот, а во исто време, сите да се однесуваат како веќе да го имаат, да се самоизолираат и да ги сфатат сериозно препораките на Владата. Само така можеме да се избориме и да ја надминеме оваа состојба – ни изјави тогаш директорката во телефонски разговор.
Според МЗ, во Велес вчера беа регистрирани осум нови случаеви на вирусот, со што бројката се искачи на 18 лица, од кои две се излекувани.
Вики Клинчарова