Директорка на основнот училиште „11-ти Октомври“ во Куманово се сомничи за „злоупотреба на службената положба.“ Против 54-годишната М.С. е поднесена кривична пријава затоа што, според полицијата, постојат сомневања дека како директорка на училиштето склучувала договори без да спроведе било какава постпака за јавна набавка.
„Самостојно вршела набавки без донесена Одлука на Училишниот одбор за јавни набавки, без да спроведе каква било постапка за јавна набавка и прибирање на понуди од повеќе добавувачи и со склучување на директни спогодби со добавувачи, без планирани и одобрени буџетски средства за таков вид набавки. За дел од набавките не склучувала договори, а за дел склучила договори за набавката директно со добавувачите, за што до училиштето биле доставени фактури од добавувачите на износ од 440.837 денари“, велат од полицијата.
Според Министерството за внатрешни работи директорката неодговорно постапувала при прибирање на парични средства од ученици во готовина, во точно неутврден износ по разни основи (за кифли, обезбедување, екскурзии и друго) на образец Каса Прими. Дел од прибраните парични средства ги плаќала директно на добавувачи во готово, за што издавала образец Каса Исплати, а дел од тие пари во готовина неодговорно ги трошела за други потреби во училиштето, со што создавала долгови на добавувачи, оштетувајќи го училиштето за точно неутврден износ.
„Потоа, го давала под закуп, на физички и правни лица, спортскиот објект-сала во склоп на училиштето без одобрение од градоначалникот на Општина Куманово, за што примала парични средства во готовина, од коишто дел ги внесувала вирмански на сметката на училиштето, додека дел од тие пари во готовина неодговорно ги трошела за разни други потреби во училиштето, со што создавала долгови на добавувачи, оштетувајќи го, при тоа, училиштето за точно неутврден износ“, посочуваат од полицијата.