Во изминатите два дена, средните училишта во Скопје беа мета на дојави за поставени бомби, кои подоцна се утврдија дека биле лажни.
Некогашниот разузнавач, Александар Диневски за „Фокус“ даде свој став околу оваа ситуација, која може да биде од различна природа.
„Појавата на лажните пријави или дојави за подметната експлозивна направа (бомба) не е нова, има долга историја и широка распространетост во светски рамки. Се чини дека ниту една земја во светот не е имуна на вакви дојави. Само во текот на изминатата година имаше серија од вакви дојави за подметнати бомби имаше во Хрватска, Србија, БиХ, Косово. Најчесто истите се пласираат преку телефонски јавувања, маил пораки, а во поново време преку апликациите за комуникација на мобилните телефони. Најчесто дојавите се лажни и се однесуваат на јавни објекти каде се собираат повеќе луѓе (трговски центри, аеродроми и авиони, државни објекти, училишта, стадиони) веројатно со цел ефектот да биде поголем“, анализира Диневски.
Мотивите за вакви дефокусирања на јавноста се различни, од бизнис интереси до банални примери, кога станува збор за училишта.
„Од политичко разузнавачки мотиви (како дел од т. н. Специјална војна која се води против некоја држава или организација), до економски или бизнис интереси и лични егоистички интереси на поединци, вклучувајки ги и оние кои се последица на психопатолошки проблеми на лицата кои ги пласираат. Вообичаено, ваквите дојави зачестуваат во време на кризни или конфликтни состојби во земјата или светот и кога истите се последица на политичко – разузнавачки мотиви целта им е да предизвикаат состојби на несигурност, страв и паника кај граѓаните како дел од некоја поголема или поширока специјална операција која се води кон одредена држава или пак како тест за реакцијата на надлежните државни органи во такви случаеви“, додава тој.
Да се пријави дека на одредено место има бомба има за цел и да се уништи одредена конкуренцја или да се предизвика сомнеж за безбедноста и сигурноста на одреден јавен објект или настан.
„Неретко, како мотив за вакви дојави е и бизнис интерес на поединци кои преку дојава за подметната бомба во одреден објект (ресторан на пример) се прави обид за уништување на конкуренцијата. Понекогаш мотивите знаат да бидат и банални (дојава за подметната бомба заради одлагање на расправа по одреден предмет или пак до факултет за одлагање на испит), но ефектот е секогаш ист“, го заврши разговорот Диневски.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во гостувањето во ТВ Телма соопшти дека познато е од каде се испратени мејловите за лажни дојави за бомби и очекува наскоро целосно расветлување на сите случаи.
Јорданчо Цветаноски