Драги мои, очигледно време е за разделба. Се надевам не за долго, вака го почнува своето отворено писмо до јавноста, поранешниот припадник на МВР, Александар Диневски, кој беше меѓу обвинетите во случајот „Шпион“. Писмото ви го пренесуваме во целост:
Злосторничката антимакедонска и криминална Хунта на Никола Груевски и Фамилијата и натаму е одлучна во спроведувањето на пресметката со мене започната со иницирањето на монтираниот полициско – политички процес „Шпион“ во кој Хунтата се пресмета со десетина припадници на безбедносните служби согласно списокот што го споменува Гoрдaнa Јанкулоска во разговорoт со Мартин Протуѓер во од една од објавените „бомби“ нa лидерот на опозицијата Зоран Заев.
Пресудата, која е резултат на едно флагрантно и брутално насилство врз правото, правдата и вистината, е конечна и според неа должен сум повторно да заминам на робија во „Идризово“ уште една година и половина. Мојата молба за одлагање на почетокот на издржување поради евидентните здравствени проблеми предизвикани од двегодишниот притвор (поткрепено со соодветна медицинска документација) и семјената трагедија (прераната смрт на двајца членови од семејството во исто време), беа експресно одбиени од Основниот суд Скопје 1, а потоа и од Апелациониот суд! На Хунтата очигледно многу ѝ се брза што побрзо да се ослободи од мене!!!
Останува надежтa за исправање на неправдата од страна на Врховниот суд до кој навремено се поднесени три поднесоци сoглaснo Зaкoнoт кои чекаат на решавање. Според досегашната пракса евидентно е дека овој суд знаел често пати да биде професионален и објективен, но проблемот е бавноста во решавањето на предметите (од објективни или субјективни причини) и фактот што таа постапка не го одлага спроведувањето на казната до донесување на нивната одлука.
Кога ќе размислам, можеби и добро е што е така! Ќе мора да се одробија поштено… Злосторството има смисла и значење и може да се третира како такво само ако е целосно, комплетно и реализирано докрај спрема оној против кого е насочено. Само тогаш тоа не остава никаков сомнеж дека оној против кого било преземено (жртвата) не останал достоинствен и доследен на своите принципи, ставови и идеи, потклекнал на притосоците и се откажал од нив или пак прифатил пазарење или задкулисни игри со џелатите.
Целосната освета ја дефинира и обликува пред сè жртвата додека Злосторникот се автопотретирал и самоидентификувал со чинот на преземање на злосторот!
Во мојот случај злосторниците се познати и потврдени во пракса. Деталниот список го објавив поодамна на мојот профил и ги содржи сите оние кои директно учествуваа во монтирањето на политичко полицискиот процес „Шпион“ и уште десетици други мoнтирaни прoцеси, почнувајки од злосторничкото трио Груевски – Мијалков – Јанкулоска, преку Сфаровски судството (Татијана Михајловска, Диана Груевска Илиевска, Ѓоко Ристов, Дуковска, Шопова), ЈО за организиран криминал (Јован Илиевски – Баџанакот, Лиле Стефановска) и останати припадници на Хунтата.
За жал и на општо изненадување на јавноста, во комплетирањето на злосторството и неправдата се приклучи и Специјалното јавно обвинителство!
Специјалното јавно обвинителство остана должно да објасни пред македонската јавност зошто и од кои причини воопшто го презеде случајот „Шпион“? Ова дотолку повеќе што на седницата на Апелација на 02 Септември 2016 нејзините претставници (Елизабета Јосифовска, Трајче Поленак и Ленче Ристовска) со ниту еден збор или реченица не ја спомнаа ниту „бомбата“ што во неколку наврати ја посочи лидерот на СДСМ Зоран Заев заради и која ние самите побаравме предметот да го преземе СЈО! Наместо тоа, сведоци бевме на повеќе од очигледно крајно непрофесионално и нестручно третирање на предметот „Шпион“ од страна на СЈО!
На општо изненадување на сите (вклучително и самите судии на советот на Апелација) претставникот на СЈО за предметот потроши само три реченици со кои речиси во целост ја оправда првостепената пресуда додека најголемиот дел од излагањето го посвети исклучиво на казните иако никој од обвинетите не се жалеше за нив туку за груби повреди на постапката и погрешно утврдена фактичка состојба! Ако било така (судот донел правилна пресуда!?) тогаш основано се поставува прашањето: зошто СЈО побара намалување на казните, а не нивно зголемување или пак потврдување?!
Јас не барав милост туку правда! На невино осудените сеедно им е на колку години ќе бидат осудени! Иста е неправдата – и со една и со десет години!
За информација – Во Вишото јавно обвинителство постоел веќе изграден став, уште пред СЈО да го преземе случајот, пресудата да се укине и предметот врати на повторно разгледување. За овој принципиелен и правичен став четворица обвинители претрпеа лични последици по налог на Јавниот обвинител на Македонија!
СЈО беше должно да објасни како тоа мене ме нема во доказите во предметот, посебно во оние за првобвинетиот Ефремов, а ги има Илија Димовски и неколку други припадници на ВМРО ДПМНЕ (Филип Петровски, Антонио Милошоски, Борис Дамовски…), како и од безбедносните служби, а наместо на нив ми се судеше мене?!?! Беше должно и да објасни: за која тоа странска разузнавачка служба сум шпионирал??? Свесни ли се што направија со прифаќањето на едно такво сомнабулно (налудничаво) обвинување дека сум шпионирал за неидентификувана странска разузнавачка служба? Колкумина утре би можеле да бидат осудени по истиот принцип – шпионирање за непозната (измислена!) разузнавачка служба?!
Вратата на идни монтирани процеси по истиот терк е ширум отворена! Утре Вие можете да бидете – следниот!
Оддадените „државни тајни“ пак се документи кои немаат таков статус согласно законот и кои повеќе од една деценија се присутни на интернет, а од неодамна ги имаме во печaтаното 11 томно издание на Државниот архив на Македонија во едицијата со политичките досиеја на припадниците на ВМРО-ДПМНЕ формирани од страна на службите за безбедност! Само како илустрација за прозирните обвиненија!
Господата од СЈО имаат навистина историска мисија – да се справат со една опасна криминална и добро организирана мафијашка структура предводена од Никола Груевски и неговиот братучед и во исто време, со своите законити и непристрасни судски постапки, помогнат во реетаблирањето на правната држава и системот на владеење на правото. За нејзино остварување, не смеат да се користат досегашните методи и критериуми на постапување востановени во време на владеење на Хунтата на Груевски, иманентни на т.н. Сфаровски судство кое е еден од главните генератори на кризата. Уште помалку, политикантските игри, личните пријателства, колегијална солидарност или нечија кариера да бидат репер или критериум во водењето на судските постапки! Кариерата на Лиле Стефановска, една од најнестручните и најнепрофесионалните обвинителки (за тоа постојат повеќе официјални оценки) и една од најпослушните егзекутори на ОЈО за организиран криминал и нејзиниот довчерашен шеф Јован Илиевски – баџанакот, не може да е поважна од судбината на лицата кои се жртви на лудилото на Хунтата и нејзините челници Груевски, Мијалков, Јанкулоска, Зврлевски и останатите!
СЈО треба да знае дека и за нив важи принципот на одговорност и дека еден ден ќе се постави и тоа прашање – личната одговорност на секој обвинител!
Мојата принципиелна поддршка на СЈО како многу битна институција во овој момент во државата ќе продолжи и натаму, но не и на нејзините нестручни и непрофесионални припадници на кои не им е местото таму, а ги споменав погоре! После мојот настап на Апелација и објавите на мојот профил на Фејсбук, најмалку што требаше да направи Катица Јанева беше веднаш да се откаже од услугите на споменатите обвинители!
Драги мои пријатели и пријателки,
Едно е сосема јасно – мене не ми се судеше за тоа што пишува во обвинението или пресудата. Не! Вистинските причини не се напишани а се во директна корелација со моите политички ставови и детективски истраги, пoсебнo oние зa ликвидaцијa нa недoлжни грaѓaни. Првите чинам доволнo ги запознавте во овој период од еднa и половина година интензивно дружење, а за вторите допрва ќе читате и слушате!
Парадоксално е до коска што токму јас како еден од „Осумтемина“ уште кон крајот на 80 – те бев првиот што проговорив за монтираните политички процеси во едноумието и доживеав да бидам објект на ист таков монтиран процес, според истите удбашки методи па дури и со истите режисери (Михајло Маневски, на пример) во наводно демократска Македонија. Речено е – Историјата се повторува, некогаш како фарса некогаш како трагедија! Судбината на Ченто кој беше осуден за истите дела во ист ваков монтиран процес и неговата позната изјава – „Верував во сè, но не верував дека ќе ми судат моите за Македонија“, се наметнуваат самите по себе како историска аналогија…
Сепак, со огромно задоволство и фасцинација морам да ја потенцирам и заблагодарам за огромната поддршка што по излегувањето од притвор ја добив од огромен број познати и сосема непознати луѓе кои имаа доблест и храброст, и покрај гебелсовската пропаганда на Хунтата со која беше третиран нашиот случај, не потпаднаа под неа и ми дадоа јавна или тајна драгоцена поддршка која ми даваше неисцрпна сила да ја поднесам неправдата и истраам во борбата за победа на вистината!
Без оглед на тоа како ќе се одвиваат настаните едно е јасно – борбата за слобода, демократија и правда мора да продолжи. Секој од нас треба да го даде својот максимален придонес во рушење на авторитарниот режим на квислиншката власт на Груевски и Фамилијата и изградба на ново слободно и праведно општество во кое ќе нема место за омразата, поделбите, репресијата и неправдата. Без оглед дали ќе бидам на слобода или во затвор ќе се борам и настојувам максимално да го дадам својот придонес во таа борба. Никакви решетки, бодликави жици и стражарници не можат да го заробат мојот ум, мојот дух и мојата цврста определба нашата татковина да ја направиме нормална држава во која ќе владее демократијата, слободата и правдата!
Само таква Македонија – слободна, демократска и праведна може да напредува и да биде татковина на сите нејзини слободољубиви граѓани!!!