Иако директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски дојде на Комисијата за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање за да даде одговори за случајот со Олександр Онишченко, сепак неговите одговори нема да ги слушне јавноста.
Тој побара седницата да биде затворена поради класифицираноста на информациите што ќе ги изнесе, а пратениците со пет гласа “за” го прифатија неговото барање.
Димовски самиот побара на седницата да се изјасни и за обвинувањата на опозицијата дека АНБ ги злоупотребува ресурсите за следење на опозицијата.
Сепак и ова ќе остане затворено за јавноста. Димовски најави изјава за медиумите по завршувањето на седницата на Комисијата.
Украинскиот државјанин Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквестријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.
Претседателот Стево Пендаровски пак вчера побара одговорност за случајот и кажа дека ако се утврди одговорност за Димовски тој нема да биде амбасадор во Франција како што е планирано.
Ф.Ф.С.