Димовски, Протуѓер, Божиновски и Димитриев осомничени во случаите на СЈО

by fokus 15:23
15:23

Во новиот случај „Талир“ кој денеска го обелодени Специјалното обвинителство за перење на пари, освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, осомничени се и генералните секретари на партијата во периодот од 2009 до 2015 година.

Во овие години, главни секретари на оваа партија беа сегашниот технички пермиер Емил Димитриев, потоа Кирил Божиновски како и Мартин Протуѓер.

- Advertisements -

Во „Талир“ осомничени се 11 лица за перење пари кои според СЈО биле директни извршувачи на делата, но и двајца помагачи. Дел од осомничените е и поранешниот директор на Центарот за комуникации на партијата, Илија Димовски.

Специјалното јавно обвинителство најави дека ќе побара замрзнување на имот на ВМРО-ДПМНЕ за кој утврдиле дека е предмет на кривично дело, односно, како што објаснија од таму, е стекнат со средства што потекнуваат од кривично дело.

-Во рамки на предистражната постапка, утврдивме дека партијата стекнала недвижен имот кој не се користи за партиски цели. Станува збор за објекти на кои нема партиски обележја, како за имот кој не претставува објекти, туку ниви, пасишта… – изјави специјалната јавна обвинителка Ленче Ристоска, во однос на истражната постапка за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење на пари од страна на партијата, насловена како „Талир“.

Таа не можеше да каже прецизно за колку квадратни метри на партиски имот ќе бараат замрзнување, меѓутоа посочи оти се работи за поголем обем на имот, кој се содржи во 12 барања.

Во „Талир“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се сомничи за наводно нелегално финансирање на партијата, при што постои сомнеж дека биле злоупотребени 4,9 милиони евра.

Обвинителката Фатиме Фетаи истакна дека парите биле злоупотребени во периодот од 2009 до 2015 година а првоосомничениот, претседателот на паријата, овие пари ги користел за лична природа, или како што рече обвинителката Фетаи, зацврстување на моќта во партијата.

Обвинителката Ленче Ристоска кажа дека за овој предмет во кој се сомничат челни лица на ВМРО-ДПМНЕ за перење пари биле испратени 570 покани за сведоци, 260 преслушани сведоци, 230 банки, институции, правни лица, 30 службени белешки и анализи со најмалку 300 страни и 11.886 уплатници.

Во просек, според обвинителката Ристоска во 2009 година биле уплатени над 28.000 евра дневно, во 2010 година над 15 илјади евра, во 2011 година над 12 илјади евра, во 2012 над 14 илјади евра, во 2013 година над 30 илјади евра дневно, во 2014 година над 26 илјади евра, а во 2015 година над 31.000 евра дневно, а биле уплатени за чланарина.

Освен во „Талир“, Груевски е осомничен и во друг случај – „Траекторија“ каде СЈО сомничи четири службени лица инволвирани во изградбата на државните патишта Миладиновци – Штип и Кичево Охрид. Според СЈО тие незаконски начин избрале изведувач за градежните работи со поскапа понуда при што го оштетиле буџетот за најмалку 150 милиони евра.

Поврзани новости