Димовски отпаѓа од игра, амбасадор во Париз ќе биде Авировиќ?

Скандалот со државјанството на Онишченко му пресуди на поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски, наместо кого, како што неофицијално дознава „Фокус“, на амбасадорска служба во Франција ќе замине Пајо Авировиќ.

by Фокус

Довчерашниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски нема да биде нов македонски амбасадор во Париз.

Иако постапката за негово испраќање на амбасадорска функција беше во крајна фаза, сепак, неофицијално дознаваме дека Владата и Претседателот одлучиле да не ја привршуваат поради скандалoт со Олександар Онишченко.

Станува збор за проруски бизнисмен од Украина, кој добил македонско државјанство во време кога во матичната земја бил гонет за перење на пари и бил на црна листа на САД, а главно потфрлување во случајот имала токму АНБ, каде се уште се врши ревизија на постапката.

Откако Димовски отпаѓа од игра, според добро упатени извори, најсериозен кандидат за нов македонски амбасадор во Франција е директорот на Директоратот за билатерални односи со воневропски држави во МНР Пајо Авировиќ, кој е поранешен амбасадор во Израел и шеф на мисијата во Обединетите нации.

Покрај тоа, течат консултации за упатување на амбасадори во Берлин, Лондон, Пекинг, Стокхолм, Бразилија и други центри, меѓу кои и Тел Авив, каде треба да замине дипломатот од кариера Јасмин Ќахил.

Поранешниот лидер на ЛДП Горан Милевски, пак, најверојатно ќе биде испратен на амбасадорска служба во Словенија.

В.С.

Поврзани новости