724
Пратеникот Илија Димовски денеска на рочиштето за случајот „Талир“ го даде својот воведен говор. Тој истакна дека ќе докажел дека не е виновен.
Обвинетиот Димовски наведе дека колективната одговорност за лица кои вршеле активности за ВМРО-ДПМНЕ во овој предмет не ја гледа, на пример, како што рече, кај обвинителите во СЈО кои по истиот колективен пристап би можеле да сносат одговорност во друг предмет каде се утврдува одговорноста за дејствијата преземени за институцијата во која работеле.
– Според ниту еден закон јас сум немал позоција на одговорно лице за материјално финансиско работење на партијата, но обвинителството по принцип на колективна одговорност одлучува да покрене обвинение против мене и неколку лица. Второ, со ниту еден паритски акт сум немал функција на раководно лице во партијата. Сите функции биле како член на колективни органи и тела. Трето, ниту еднаш не сум прифатил финансиски или материјални обврски во име на партијата или сум склучил било каков договор со кој би прифатил финансиско оптеретување во име на партијата, изјави Димовски.
Ќе докажам, рече тој, дека никогаш не сум учествувал во собирање средства за финансирање на партијата и ниту сум знаел дека воопшто постои финансирање за кое обвинува ЈО.
– Исто така, ќе докажам, односно обвинителството нема да успее да докаже дека сум организирал уплата на средства, освен кога јас лично еднаш годишно од моја сметка сум вршел уплата на лично средства како членарина и донации на партијата. Дотолку што сите ревизорски извештаи за финансиското работење на партијата ВМРО-ДПМНЕ се позитивни и без ниту една забелешка, изјави Димовски.
Обвинителниот акт, рече Димовски, е поднесен надвор од предвиените рокови, а неговото одобрувањето е искористено за моја уцена да гласам за уставните промени.
– Дополнително последното гласање за уставни промени се случи вечерта на истиот ден, кога изутрината беше објавено одобрувањето на обвинителниот акт од судот. Три дена претходно имаше информација дека е одобрен, на што со своја изјава, демантираше претседателот на Судот. Ова е единствен предмет што е два пати одобруван од судот, а јас како неосновано обвинет бев предмет на уцена, односно уценуван, за да гласам за промена на уставното име на Република Македонија. Се надевам дека во текот на судскиот предмет ќе се создадат адекватни правни и политички состојби за сето ова да се докаже, изјави Димовски.
Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари 2019 година. Во случајот обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. Чингаровска призна вина и се спогоди со обвинителството, за што доби условна казна од две години. МИА