Димовски: Може да поддржам продолжување на работата на СЈО

by Fokus

Ако се направи систем којшто ќе значи гаранција на човековите права и на владеење на правото, јас би размислил да дадам поддршка на понатамошно постоење на СЈО, вели пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

На прашањето, дека членството во НАТО може да зависи и од поддршката на Законот за СЈО, па дали тој ќе го поддржи Законот за СЈО, имајќи предвид дека е обвинет во еден од случаите на СЈО, пратеникот тврди дека членството во НАТО не зависи од тоа, процесот на ратификација на протоколот за членство во НАТО на Република Македонија оди со забрзано темпо.

– Мислам дека може да се успее да бидеме можеби рекордер, ако не би биле некаде во рамки на досегашниот рекорд од девет месеци и тоа е добро и треба да се поддржи и со моето учество во тој процес давам пример. Во поглед на Специјалното јавно обвинителство мислам дека е генерален услов за владеење на правото во Република Македонија виз-а-ви процесот на почнување проговори со ЕУ. Јас посебно поради тоа што сум дел од обработката на СЈО, се обидувам да диференцирам став, којшто ќе значи и поддршка, ако е потребно, на понатамошно постоење и функционирање на СЈО. Како и во Парламентот и во судството, како и во образованието, така и во СЈО, мислам дека има и квалитетни и неквалитетни луѓе има и квалитетни и неквалитетни постапки. И ние носиме и добри и лоши закони, дел од предметите на СЈО се базирани на некои сериозни докази, дел се политички – изјави Димовски.

Поврзани новости