Новинарката Ивона Талевска и пратеникот Љупчо Димовски, кој е актуелен лидер на Социјалистичка партија, денеска во Кривичниот суд се изјаснија како невини за случајот „Продуцент“, кој беше отворен од СЈО. На претходното рочиште, пак, обвинителката Елизабета Јосифовска, посочи дека во текот на постапката ќе успее да ја докаже нивната вина.
-Ќе докажам дека обвинетиот Димовски како министер за земјоделие со искористување на својата службена положба, а со умисла и помагање на Талевска, прибавиле значителна корист 3,5 милиони денари, а на штета на државниот буџет, истакна обвинителката Јосифоска, која додаде дека очекува осудителна пресуда.
Поточно, поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски се сомничи за злоупотреба на службата, бидејќи, според обвинителството, во во ноември 2009 година склучил договор со фирмата Смарт Центар ДООЕЛ Скопје во вредност од 50.000 евра. Според договорот, фирмата настапувала како продуцент на емисијата „Боја на парите“ која се емитувала на ТВ Сител.
Обвинителството тврди дека процесот бил направен без спроведена јавна набавка, односно ваква јавна набавка можело да се нарача само од телевизиска куќа, но не и од фирма. Инаку, фирмата Смарт Центар повеќе не е активна, а последен сопственик и управител е новинарката Ивона Талевска, која беше и водител на емисијата.
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЕДНАШ ПРИЈАВИЛО ШТЕТА, А СЕГА СЕ ПРЕДОМИСЛУВА
По воведниот говор на обвинителката се чекаше ставот на Министерството за земјоделие кое требаше да се произнесе во однос на штетата. Откако, на минатото рочиште претставникот на министерството побара дополнително време, во меѓувреме, до судот испратиле писмен одговор кој може да се протолкува како нејасен. Поточно, наместо Министерството јасно и прецизно да посочи дали претрпело штета со овој договор, навеле дека договорот бил спроведен и за него бил исплатен износот од околу 50.000 евра, без да потенцираат дали тоа е штета или не.
За време на истрагата пак од министерството јасно пријавиле во Обвинителството дека е направена штета на буџетот од околу 50.000 евра. За промената на ставовите на следното рочиште ќе треба да даде појаснување претставник од Министерството за земјоделие.
Во својот воведен говор, адвокатот на Димовски, Еленко Миланов, истакна дека обвинетиот не сторил никакво кривично дело.
-Ќе докажеме дека не постојат елементи од кои може да се утврди сторување на кривичното дело. Ќе докажеме дека во конкретниот случај самиот Закон за јавни набавки определува исклучоци за склучување на договори без јавна набавка, содржано во член 8, меѓу кои и за термини за радио и телевизиско емитување на програма. Од самиот договор склучен меѓу Министерството со „Смарт центар“ се закупува теливизиско емитување на програма за промовирање на програмата на министерството. Неспорен факт е дека овие термини се испочитувани. Договорот е уредно евидентиран, уредно постапувано. Фактот што била изгубена документација при селење и поплава не значи дека министерствот не поседувало документација. Не постои штета, истакна Миланов.
И адвокатката Анита Бегова истакна дека нејзината клиентка Талевска не е виновна. Таа потенцираше дека овој случај воопшто не би влегол во судница доколку правилно се применувал Законот за кривична постапка, односно тогаш предметот не би го поминал филтерот за оценка на обвинителниот акт.
-Димовски не можел да стори злоупотреба на службената положба и овластување користејќи го членот 8 од Законот за јавни набавки, а уште помалку Ивона Талевска можела да му помогне во тоа. Талевска не помогнала во злоупотреба на службената положба и овластување, туку како продуцент изработила продукциски услуги, прилози, кои се емитувале на телевизија „Сител“ во емисијата „Боја на парите”, истакна Бегова.
Таа додаде дека со прилозите, во тој период, за 20% биле зголемени апликациите на фармерите за аплицирање за субвенции и за ИПАР програмите.
-За да постои оваа кривично дело треба да постои штета, да биде оштетено министерството. Во произнесувањето не е наведено дека постои штета, туку постои сума на исплатениот договор. Биле платени 3 милиони денари а договорот бил реализиран во целост, истакна адвокатката.
Таа истакна дека доколку според судот излезе дека договорот не бил законски, тогаш телевизијата ќе достави нова фактура до министерството од 30 милиони евра, поточно за тарифирање по секунда на емитуваната програма.
-Бидејќи нема штета, неоснована е оваа постапка и со тоа неосновано е обвинението и јавното шекенирање на овие две јавни личности. Вакви емисиии, врз основа на вакви договори, се склучени и за ковид состојбата, за потребите на Владата за креирање на јавното мислење за пристапноста во ЕУ, и за Фондот за иновации, меѓутоа не сум слушнала дека има обвинение за некој друг ваков договор, истакна Бегова.
ТАЛЕВСКА И ДИМОВСКИ: НЕ СМЕ ВИНОВНИ!
Новинарката Талевска дополни дека таа не се чувствува виновна и дека во постапката ќе докаже дека работела законски. Истакна дека фирмата која го склучила договорот е регистрирана за продукција и согласно тоа била квалификувана да склучи договор со Министерството за земјоделие согласно членОТ 8 од Законот за јавни набавки.
-Ќе докажеме дека согласно став на Врховен суд и на судска пракса, договорена страна со државен орган не може да биде одговорна за последиците од договорот доколку е извршен бидејќи општо познат став на Врховен суд е дека државен орган не може да биде доведен во заблуда. Трговското друштво во ваков случај мора да има доверба во државниот орган дека го познава и почитува законот по кој е склучен договорот, истакна Талевска.
Таа додаде дека не само во Македонија, туку во ниту една европска држава за авторска емисија на ТВ и закуп на простор во неа, не се распишал тендер.
-Ист закуп за овој вид емисии, министерството извршило и за А1 ТВ за двојно поголем износ и исто така, без тендер. Верувам дека судот ќе ги цени доказите на двете страни рамноправно и стручно и дека ќе донесе ослободителна пресуда не само заради доказите на одбраната туку и согласно јавниот интерес бидејќи вакви проекти остварени на медиуми преку надворешни продуценти и на Сител во тоа време и на многу други медиуми се емитувани над 100-тина, истакна Талевска.
Новинарката Талевска беше обвинета и во случајот „Тифани“ на СЈО. За овој предмет таа призна вина, по што беше осудена на условна казна од две години и врати штета од 27.000 евра, по основ на затаен данок.
В.В.