Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција за да порача дека за неговата партија е неприфатливо воведување на двојазичност на целата територија на Република Македонија.
Димовски ја обвини опозицијата дека таа го заговарала ова веќе долго време и тргувала со националните интереси.
– Уставот јасно вели дека на целата територија на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, а друг јазик што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, е службен во единиците на локална самоуправа каде што тие живеат во мнозинство или значителен број. Социјалдемократскиот сојуз во очај почнува да тргува со националните и со државни интереси и прави огромна штета на Македонија – обвинува Димовски.
Тој додаде и дека со изедначување на македонскиот и на албанскиот јазик на целата територија, се започнувало процес за кој не се знаело дали ќе заврши со федерализација или со целосно распарчување на Македонија.