Пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на крајот на денешната расправа по извештајот на СЈО, рече дека се додека Катица Јанева не го признае легитимитетот на Собранието, нема да се разговара за нејзините барања.
– Госпоѓо Јанева, не можете да влезете во Парламент и да кажете дека тој е нелегитимен, а потоа да барате истиот тој парламент да ви донесе закони – рече Димовски.
Ова следува откако специјалната обвинителка рече дека од прислушкуваните материјали ималo сериозни индиции кои ги доведуваат до прашање изборите од 2011 година досега.
Околу нејзините барања пак, специјалната јавна обвинителка денеска во Собранието повторно апелираше да се донесат измени во законот за поголема заштита на нејзините сведоци, како и да се продолжи рокот на СЈО за истраги и обвиненија.
Расправата за извештајот за работата на СЈО ќе продолжи утре во 11 часот. На седницата ќе се расправа и за извештајот за работата на Основното јавно обвинителство.