Лидија Димова, пратеничка и претседателка на Националниот Совет за евроинтеграции, денеска истакна дека внимателно ќе го слушаат мислењето на граѓаните и редовно ќе ги консултираат сите засегнати страни за конкретните закони што ќе ги предлагаат во Собранието.
-Ќе ги отвориме сите седници на комисиите каде што претседатели се претставници на СДСМ и на коалициските партнери. Организациите од граѓанското општество ќе можат да присуствуваат на заседанијата на Комисиите за финансирање и буџет, земјоделство и шумарство, здравство, труд и социјална политика и Националниот совет за евроинтеграции. Истот ќе важи и за Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање и за Комисијата за надзор врз примената на посебната истражна мерка следење на комуникациите. Претседателите на овие комисии ќе бидат во редовни консултации со претставниците на граѓанскиот сектор коишто можат да придонесат за поквалитетна нивна работа. Крајно време е да се сменат работите, изјави денеска Лидија Димова, пратеничка и претседателка на Националниот Совет за евроинтеграции.
Таа вети дека сето ова, пратениците на опозицијата ќе го предложат и во комисиите во кои што членуваат.
– За сите измени на важни закони ќе иницираме јавни расправи со консултации и учество во најширока смисла на зборот. Ќе иницираме надзорни расправи на теми што ги засегаат граѓаните! Подготвени сме заедно со вас и со граѓанските организации да ги утврдиме темите, да ги организираме и да ги спроведеме расправите. Со граѓанските организации ќе организираме заедничка средба најмалку еднаш месечно за законски предлози што би можело да бидат ставени на агендата на Собранието од страна на здружената опозиција. Ќе работиме на воспоставување институционална инфраструктура во Собранието за соработка со организациите од граѓанскиот сектор. Во Парламентот на Република Македонија мора да има соодветно тело преку коешто граѓаните ќе можат да практикуваат директна демократија, демократија по мерка на граѓаните. Активно слушавме и активно работевме заедно со вас сите месеци досега. Заедно ги утврдувавме и приоритетните проблеми и неопходните решенија. Големо и драгоцено е искуството од соработката со организациите на граѓанското општество во рамките на платформата Граѓаните за Македонија – изјави Димова.