Димоски: Задоволство ми е што Јовески решил со мене да се пресмета во судница

by fokus

По поднесеното обвинение за наводно застарување на 14 предмети, против поранешниот обвинител од Охрид, Војо Димоски, со реакција на фејсбук се јави и екс обвинителот.

-Со оглед дека последните речиси две години, заканите кои ги добивав од различни центри се однесуваа на мојот физички интегритет, морам да признам дека ми е задоволство што Јовески решил со мене да се пресмета на ваков начин.

Без оглед каква е состојбата во правосудството, судницата сепак е мој терен, а околноста дека некој во сопствената интелектуална и стручна немоќ зел да ја злоупотребува позицијата за пресметка со неистомисленици, најмалку зборува за мене.

И покрај непријатностите и околноста што е надвор од етиката и од законот лиферувањето на вакви информации, ми претставува задоволство што самата дебата се преместува на терен на јавноста. Очекувајте целосно да ве информирам за текот на нарачаниот и политички мотивиран прогон кон мене и при тоа со задоволство да ги разобличам нарачателите на истиот.

Дедо ми велеше дека чавките секојпат напаѓаат во јато. Така и овојпат. Арно ама ние сме родени за посериозни битки, а не за бркање чавки.
Слобода или смрт!, напиша Димоски на фејсбук.

Поврзани новости