Не гледам причина и повод земјоделците утре да излезат на протести пред Владата, бидејќи цело време заедно со нив ги планиравме интервентните мерки што ги воведовме и секогаш беа информирани кога точно може да ја очекуваат исплатата и од каде ќе стигнат исплатите, изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски.
-Вчерашната исплата што ја направивме кон оризопроизводителите и денешната кон сточарите за предадено млеко не се во насока да ги смириме, бидејќи беше неопходен период за да стане оперативен ребалансот за измените што ги направивме во програмата за финансиска поддршка, како и за административната подготовка од страна на Платежната агенција – рече Димовски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со јавна поддршка на протестот, но, според него, опозициската партија всушност е организатор.
-Ние ќе продолжиме со исплатата и коректната комуникација со сите кои побараа средба и со кои имавме состаноци во МЗШВ. Во континуитет разговараме и во зависност од тоа каква гранка и каков сектор преставуваат земјоделците со кои разговараме ги слушаме нивните барања, ги прилагодуваме и некогаш заеднички договараме како ќе изгледа мерката – посочи министерот.