Откако неделникот „Фокус“ ја откри аферата со фалсификувани лични карти, скандалот секојдневно добива нови димензии. Се појавија неколку афери со фалсификувани документи, меѓу кои и возачки дозволи, а истрагата сè уште е во тек.
Во интервју за порталот „Сервис за проверка на факти“ одговорниот уредник на „Фокус“, Зоран Димитровски, одговара на сите дилеми поврзани со овој скандал.
Откако ја откривте аферата со фалсификувани лични карти, следеа голем број напади од провладините медиуми. Потоа имаше затишје со нови текстови. Дали имате нови сознанија или нема повеќе да објавувате информации на оваа тема?
Димитровски: Се разбира дека имаме нови сознанија и правиме и своја новинарска истрага за она што се крие зад аферата со фалсификувани лични карти. Но, фактот што оваа афера власта се обиде да ја заврти против „Фокус“, обвинувајќи нè дека, наводно, со опозицијата сме учествувале во некаков заговор против ДПМНЕ, нè обврзува да бидеме дополнително внимателни. Ги очекуваме наодите на истрагата што е отворена во МВР, а особено резултатите од истрагата во која ќе се вклучи и Специјалното јавно обвинителство, затоа што аферата со лични карти е дел од „бомбите“, а потоа ќе реагираме. Уверени сме дека сето тоа ќе се расчисти и оти на крајот ќе се открие дали некој ја местел аферата, кој ја местел и за кои цели.
Дали новинарот или вие, како уредувачки тим, имавте притисоци од некои луѓе од власта да не се објавуваат вакви сознанија?
Димитровски: Немаме притисоци за објавување нови сознанија, но ќе почекаме да заврши истрагата.
Медиумите кои се под капата на власта ве обвинија за соработници на СДСМ во таканаречената „фабрика за лажни лични карти на СДСМ“. Дали контактиравте потоа со вашите извори и дали бевте зачудени од брзото откривање од страна на Јавното обвинителство?
Димитровски: Објавија дека сме биле дел од „Фабриката за афери на СДСМ“, така ја крстија. А што направи „Фокус“? Откако ги добивме 105-те лични карти, прво утврдивме дека се фалсификат, зашто тоа можеше да се забележи лесно, потоа направивме и новинарска истрага на терен на репрезентативен број примероци, за да откриеме чии идентитети се украдени и, евентуално, кои се истите ликови што се појавуваат на личните карти. Ликовите не можевме да ги одгатнеме и да ги откриеме, затоа што ниту МВР не располага со систем за идентификација според ликот и покрај скандалозната и криминална набавка на АФИС, кој служи и за тоа, но за системот нема софтвер!? Истрагата на терен нè насочи кон заклучокот дека има голема веројатност тие лажни лични карти да биле користени на избори. Пред сè, затоа што стануваше збор за кражба на идентитет на личности кои долго време се надвор од земјава и вообичаено не гласаат на избори, за измислени адреси, за броеви на непостоечки згради, станови, куќи. Сето тоа, пак, ни беше познато од забелешките на набљудувачите, како организацијата „Цивил“, на пример, од последните изборни процеси – локални и парламентарни избори во 2013 и во 2014 година, кога во избирачките списоци набљудувачите забележаа измислени згради, влезови и куќи. Потоа, проверивме и веднаш објавивме дека двојните или неколкукратните лични карти со ист лик и со различни матични броеви или адреси, ги нема во Единствениот избирачки список, што едноставно се проверува на интернет. Таква „проверка“ направија и луѓето на министерот Чавков и веднаш објавија дека личните карти не биле користени на избори, за, демек, да нè демантираат, а ние тоа веќе го објавивме. Но, не бевме сигурни дали лажните идентитети ги има во изводите од избирачките списоци, во оригиналните избирачки списоци од изборниот ден на кои се потпишуваат оние што гласаат. Односно, проверката дали со тие лажни лични карти и лажни идентитети некој навистина гласал, не се прави само во Единствениот избирачки список, туку може да ја направи единствено ДИК и тоа ако ги отвори „црните вреќи“ што се чуваат во магацините во касарната „Илинден“ и тоа само три години по изборите колку што законски се чуваат. Искуството од „бомбите“ – когаМиле Јанакиески говори за отворање на „црните вреќи“ од изборите, за да види дали договорените гласачи гласале, нам ни отвори сомнежи дека е можна манипулација со изборниот материјал, вклучително и со избирачките списоци. За жал, ние не можевме да ги провериме „црните вреќи“.
Дали новинарот Љубиша Арсиќ беше повикан на распит во Јавното обвинителство?
Димитровски: Да не заборавиме дека Љубиша Арсиќ, кога ни беше доставен видеоматеријал од т.н. фабрика за пасоши, самиот го предаде во Јавното обвинителство на РМ, но видовме дека Обвинителството тогаш не спроведе никаква истрага. Сега, пак, 105-те примероци од фалсификуваните лични карти Арсиќ ги предаде во МВР, и тоа не на министерот Оливер Спасовски од СДСМ, како што излажа ДПМНЕ, туку во Бирото за јавна безбедност, со кое раководи кадар поставен од министерот Чавков. Оттаму, пак, личните карти завршија во Основното јавно обвинителство, кое веднаш го повика нашиот новинар да сведочи. Зарем „Фокус“ ќе ги предадеше личните карти на надлежните органи ако сме учествувале во каков било заговор!? Не сум адвокат на СДСМ и не знам каква улога има партијата во оваа афера, тоа треба да го открие истрагата, но мислам дека би било вистинско политичко самоубиство за опозицијата да влезе во акција на печатење лажни лични карти само за да ја обвини власта за фалсификат на изборите, ако е јасно оти има многу докази од „бомбите“, а сега и од МВР, со институционално произведените оригинални незаконски лични карти за стотици гласачи од Пустец.
Новинарот Арсиќ, пак, беше на распит, како што велите, во својство на сведок, одговараше на прашања на обвинителот неколку часа, и колку што знам, обвинителот сè уште не завршил со распитот, ќе има и продолжение кое беше одложено. Скандалот е што Обвинителството барало од нашиот новинар да им го каже изворот на информациите, што е противуставно, иако „Фокус“ објави дека доставувачот на личните карти до „Фокус“ е непознат. Но, нашата соработка со истрагата ќе продолжи, зашто немаме што да криеме….
целото интервју ОВДЕ