Амбасадорот Ваутер Пломп ги претстави приоритетите на холандското претседателство со Советот на Европската унија

by Фокус 16:22
16:22

На 26-та седница на Комисијата за европски прашања на Собранието на Македонија која се одржа денес, Н.Е. г. Ваутер Пломп, Амбасадор на Кралството Холандија во Македонија ги претстави приоритетите на холандското претседателство со Советот на Европската унија. Седницата се одржа во присуство на дел од членовите на Националниот совет за европски интеграции, собраниската Комисија за надворешни работи како и мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ.

Во неговиот говор Амбасадорот Пломп даде кратка презентација на претседателството заснована на три основни принципи: Унија фокусирана на основите, Унија која креира иновативен развој и работни места, и Унија која е поврзана со општеството.

- Advertisements -

– Ќе се стремиме кон Европска унија која е фокусирана врз она што е најважно за граѓаните на долг рок. Тоа е економскиот развој преку иновација и реформи, создавање на работни места и вложување во одржлива иднина“ – рече Амбасадорот Пломп и додаде дека приоритетите на претседателството се: сеопфатен пристап кон миграцијата и меѓународната безбедност, Европа како иноватор и кретор на работни места, цврсти и одржливи европски финансии, како и напредна политика во врска со климатските промени и енергетските прашања.

Амбасадорот Пломп истакна дека Холандија го презема претседателството во многу тежок период кој може да се надмине единствено преку здружени напори на сите држави, вклучувајќи ги и оние кои се кандидати за членство а чија улога во надминувањето на бегалската криза е од суштинска важност.

Во врска со проширувањето на ЕУ, Амбасадорот Пломп ја наведе Програмата на Триото  – Холандија, Словачка и Малта, според која веродостојноста на процесот на проширување е од голема важност: „Ефективниот напредок на државите од Западен Балкан кон ЕУ е од стратешка важност. Владеењето на правото, човековите права, борбата против корупција, економските критериуми и реформата на јавната администрација се одредниците врз основа на кои се мери напредокот а самите држави ја имаат одговорноста да ги исполнат условите на кои се обврзале“ – нагласи тој.

На крајот Амбасадорот Пломп изјави дека во согласност со мотото на холандското претседателство – „Поврзување“, Холандија ќе продолжи да ги зајакнува врските со Република Македонија преку инструментите за поддршка на бизнисот, поттикнувањето на повеќе холандски инвестиции во Македонија, културната соработка и промоцијата на туризмот на одржлив начин, „бидејќи единствено преку двонасочна и отворена комуникација можеме да се поврземе и да ја направиме Европа подобро место за живеење.“

 

 

 

Поврзани новости