Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, го прокоментира слоганот на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која ја бара довербата на граѓаните ветувајќи им правда. Според Димитров контрадикторно е по објавувањето на „бомбите“ правда да ветува кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
„Возам кон состанок сабајлево и ги гледам билбордите “Правда за Македонија”. Навидум, ова изгледа многу контрадикторно. Кандидатката на групата чија основна цел од денот кога ја слушнавме првата бомба до денес е да се избега од лична одговорност, па макар тоа да значи напад на Собранието или закопување на сопствената држава, стокмиле ваков слоган. За да се разбере, треба да се употреби нивниот специјален речник. Правда значи неказнивост, а Македонија значи партијата. Слоганот всушност е “Неказнивост за партијата”. Или уште попрецизно, за тесниот круг луѓе на врвот на партијата. Татковината тука за жал е само заложник и ништо повеќе“, напиша Димитров.