Вчера сами јавно признаа дека го смениле пристапот и стратегијата кон Бугарија, што прво ги урива хистеричните напади за мене и тврдењата дека сме немале внатре разлики, а второ го разобличува и обидот за евтин спин дека нешто Софија отстапила.
Вака реагира поранешниот министер за надворешни работи и екс вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје.
„Додека бев внатре го држев другиот пристап – ништо не е договорено додека не се договорат сите прашања – како што јавно кажа мојот наследник вчера. Вториот ден без мене пристапот и суштината се смени во “салама” тактика.
Велат дека сега со новиот пристап сме имале резултати веднаш – Софија “прифатила” да го користи краткото име, нешто што само по себе не е наш проблем, туку нивен и нивно барање.
За ова неосновано барање да биде прифатено ние пративме нота до ОН што Софија ја бараше две години и не ја добиваше, без притоа да направи било каква отстапка. Сега ова биле резултатите со новиот пристап…
Да се разбереме, никој никогаш не спорел дека ваков пристап би дал резултати – АМА во корист на другата страна. Ако овој нов пристап се развива и кулминира, никој не спори и дека решение е можно, претпоставувате какво.
Повеќе за суштинската штета со нотата до ОН, каде атрибутите на државата се затворени, во следниот јавен настап“, напиша Димитров на фејсбук.
По посетата на бугарскиот премиер на Скопје, договорено е Бугарија да го користи и краткото име Северна Македонија и долгото Република Северна Македонија, за што се известени и Обединетите Нации.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ истакна дека посетата на Пеков на Скопје во двете држави е оценета какко позитивна.