Димитров: Владата е посветена на регионалната соработка без оглед на политичката ситуација

by fokus

Регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратешки определби на кои Владата е посветена без оглед на политичката ситуација, а потврда за тоа е и моето учество на овој состанок.

Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој во име на Владата на Северна Македонија, попладнево пристигна во Белград на работниот состанок во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

– Јас пред сѐ доаѓам со порака дека регионалната соработка е апсолутно европска приказна, дека сакаме да продолжиме да ја продлабочуваме. Додаваме еден важен сегмент утре – како дигитализацијата може да ни помогне за да ја забрзаме и продлабочиме регионалната соработка, изјави Димитров при пристигнувањето во Белград.

Доаѓам во момент, додаде Димитров, кога како што знаете, во нашата Македонија, во Северна Македонија завршија локални избори, има извесни политички предизвици, а и политичка криза на некој начин.

– Важно е да дадеме сигнал дека како Влада, како држава, сме целосно посветени на оваа иницијатива што се роди на Балканот и чија што цел првенствено е европски Балкан, истакна Димитров.

Поврзани новости