Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по денешната средба со грчкиот колега, Никос Коѕијас, изјави дека разговарале за потешките прашања од спорот. Главната разлика, рече Димитров, не е тајна и се однесува на барањето за опфатот на употреба на името.
-Знам дека очекувањата се големи, средбите се чести, почнавме да се среќаваме секоја седмица, но како што знаете и роковите се длабоки, а влогот е многу голем. Истражуваме опции и комбинаторики без да се обврземе на нешто. Отворивме едно или две од потешките прашања што останаа. Целта е да дојдеме до чесно и одржливо трајно решение, кое ќе биде прифатливо за двете страни, решение што ќе продуцира пријателство, само такво решение може да е одржливо – рече Димитров.
За комбинациите за кои станало збор, Димитров додаде дека треба се разговара и дома како следната средба би биле попродуктивна.
-Разлики уште има. Вчера и денеска само ги испитувавме комбинациите. Зборот ќор-сокак не би го употребил, но како што знаете прашањето е комплексно а влогот е голем. Сепак и јас и министерот имаме многу денови и ноќи поминато за да ги разбереме грижите и чувствата на другата страна – посочи тој.
Димитров додаде дека следната недела ќе се одржи уште една средба со Коѕијас, по што ќе следи средба во посредство на медијаторот Метју Нимиц.