Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамките на својата прва работна посета на Француската Република, се сретна со својот француски домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.
Од МНР соопштија дека на средбата министрите изразиле задоволство од заемните заложби за внесување нова динамика во политичкиот дијалог, кој е во функција на збогатување на севкупната билатералната соработка меѓу Република Македонија и Француската Република.
Во разговорот, министерот Димитров го истакнал значењето што Република Македонија им го придава на односите со Франција, како на билатерален план, така и во контекст на европската и евроатлантската иднина на Република Макдонија. Тој му потврдил на својот француски колега дека Република Македонија настојува, преку своето проевропско надворешно-политичко делување, да ѝ биде сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница. Исто така, МНР Димитров го запознал својот француски колега и со преземените реформски активности на Владата во пресрет на европските и евроатлантските интеграции, но и пошироко, во контекст на улогата на Република Македонија, како катaлизатор на регионалната соработка и стабилност.
Министерот Димитров се сретнал и со Филип Етиен, дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон, каде аргументирал зошто Република Македонија е можноста за заеднички успех на Балканот годинава.
Посетата на министерот започнала со обраќање во реномираниот Институт за меѓународни односи – ИФРИ, каде што на темата „Постигнувањата на Владата на Република Македонија во насока на остварување на заложбите за интеграција во европските и евро-атлантските структури“ биле разменети мислења со француски експерти од областа на европските прашања, Балканот и меѓународната политика.