Значи да нема никаква дилема, бугарските барања за историјата и за многу други теми, целосно си остануваат во рамката и стануваат европски барања, како што си беа и во претходното пакување, реагира поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров по објавувањето на францускиот предлог.
-Нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа, одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да не’ донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување. Преседан што ќе го осетат на своја кожа и други земји кандидати по нас, вели тој.
Димитров додава дека ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваа во пристапниот процес преку “билатералните протоколи” по член 12 од Договорот за пријателство, сега историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваат преку “годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот.”
-Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12 со што НЕМА дилема на што се однесува. Тоа е членот каде се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и примена на мерки, донесувајќи документ што досега го викавме протокол.
Ова е еден срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, можеби на сугестија од дома, да се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мораме да ги преземеме и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува европската комисија, вели Димитров.