531
Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред вечерата во Брисел помеѓу лидерите на Европска Унија и од Западен Балкан алудираше на слетувањето во главниот град на Белгија и нашите обиди за почеток на преговори со Унијата.
– Кружевме три пати пред да слетаме. Затоа можам тоа да го споредам со нашите обиди да почнеме преговори. Имавме три Европски совети на коишто не можевме да слетаме. Се надевам ќе успееме во четвртиот обид. Јас морам да ја претставувам Северна Македонија наместо претседателот или премиерот, истакна Димитров.
Тој посочи дека денешнотот донесување на Законот за Јавно обвинителство е одлична вест.
– Успеавме да го донесеме и последниот закон кој ги отстранува сите сомнежи поврзани со нашиот случај. Тоа е Законот за Јавно обвинителство што беше усвоен со двотретинско мнозинство. Ова е добар ден за земјата, за правната држава и за граѓаните како и за европската иднина на Северна Македонија, потенцира Димитров.
Вечерата во Брисел е во организација на претседателот на Европски совет Шарл Мишел , а присуствуваат и претседателката на Европска Комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија земја претседава со ЕУ, како и лидерите од земјите од Западен Балкан.