Поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, денеска на 22. Белградски економски форум изјави дека на регионот мора да му се даде опиплива перспектива за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.
На панелот за влијанието на војната во Украина врз Западен Балкан, тој предупреди дека за време на кризата се зголемува економската разлика меѓу земјите-членки на ЕУ и државите од Западен Балкан, бидејќи регионот е поранлив од остатокот на континентот зашто има повеќе луѓе кои живеат под прагот на сиромаштија.
Тој додаде дека тоа ќе доведе до незадоволство на граѓаните во регионот од евроинтеграциите и оцени дека следната година ќе биде исклучително тешка.
-Сите сме во европскиот економски брод, бидејќи најголем дел од инвестициите доаѓаат од земјите членки на ЕУ, но економската разлика се зголемува, бидејќи надворешнотрговскиот дефицит на регионот е околу девет милијарди евра, а регионот ги добива истите изоноси од ЕУ, но за период од седум години. Грција добива десет пати повеќе од земјите од Западен Балкан и затоа разликата се зголемува, рече Димитров, говорејќи на собирот организиран од Делфи економскиот форум.