Со влегувањето во НАТО, Северна Македонија ќе придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и ќе демонстрира одлучност во креирање на отпорна безбедносна средина, способна да се соочи со потенцијалните предизвици како во рамки на регионот, така и во поширокиот трансатлантски простор, укажа министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Брисел, кој претставува подготвителен состанок пред декемврискиот НАТО Самит во Лондон.
На состанокот, информираат од МНР, министерот Димитров имаше прилика да ја изнесе важноста која нашата земја му ја придава на членството во НАТО и да ги претстави позициите на Република Северна Македонија по однос на актуелните прашања за единството и безбедноста на трансатлантската заедница. Димитров ја акцентираше посветеноста на нашата држава на темите од клучно значење за Алијансата: праведна распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, концептите на НАТО за одвраќање и одбрана и за проектирање на стабилност, контрибуција во меѓународните операции, справување со неконвенционалните безбедносни закани и др.
Тој изрази задоволство од динамиката и брзината со која се одвиваат националните процедури за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО, со што се исполнуваат заедничките очекувања на нашата земја и на сојузниците дека наскоро и формално ќе станеме членка на Алијансата. Притоа потсети дека речиси дведецениското силно партнерство меѓу нашата земја и НАТО е потврда за нашата детерминација и посветеност кон операциите и мисиите на НАТО, како и за прилагодувањето кон пристапот на НАТО за одговор на заканите во размер од 360 степени.