Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Собранието реплицираше на предлогот на пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов, примената на Република Северна Македонија за внатрешна употреба да биде условена со влезот на државата во ЕУ. Како што рече Димитров, предложените амандмани го гарантираат тоа дека Македонија ќе го финализира спроведувањето на Договорот, паралелно со нејзиното пристапување во европскиот сојуз.
-Нас ни е важно и Грција да има интерес Македонија да оди побрзо во ЕУ. Зборувате за точката 10 која ќе почне да се спроведува кога ние веќе ќе бидеме речиси во ЕУ. Договорот ќе биде целосно спроведен во рок од пет години, односно по отворањето на сите 35 поглавја од нашето пристапување кон ЕУ. Важно е да се каже дека и во Грција имаат опозиција и таму клучната критика им се идентитетските теми, а нашата опозиција го критикува опфатот меѓу внатрешната и надворешната употреба. Тоа е суштината на компромисот – рече Димитров.
Во врска со употребата на македонски јазик и македонски идентитет, што Договорот, рече, го овозможува, Димитров цитираше изјави на Груевски дадени во минатото.
-Груевски беше апсолутно во тек со целиот процес. Во декември 2009 година тој изјавил дека Грција бара внатрешна употреба меѓу другото, а јазикот да биде сменет во новомакедонски или северномакедонски. Во ноември 2017 година, во мега интервју за Република, тој вели дека Грција не прифаќа да имаме договор со јазик македонски и дека тоа не би поминало во нивниот парламент. Понатаму: „Тоа значи дека Грција не е подготвена да го прифати нашиот идентитет и ќе бара разни форми тоа да не се случи“, изјавува Груевски. Не го велат ова за да обвинувам, туку за да апелирам да не се земе туку така ова што го имаме како можност – рече Димитров.
Тој додаде дека одредницата Северна не не прави нешто поинаку од тоа што сме, како што рече, и тоа што се чувствуваме како Македонци.
-Факт е дека Направивме држава во нашето парче од Македонија, факт е дека тоа е поголем географски регион и тоа значи географската одредница. Факт е дека е експлицитно наведен македонскиот јазик. Сите ни велат дека најверојатно ќе поминат децении пред да ни се укаже нова шанса, а светот не не чека да пропуштаме историски шанси, ни свети лидери не ни требаат ако ја пропуштиме шансата – порача министерот.