Димитров: Македонија наскоро ќе добие столче во НАТО

by fokus

Македонија оваа седмица или на почетокот на идната ќе го потпише Протоколот за НАТО, а на столчето во Северноатлатнскиот совет ќе седне штом Протоколот биде ратификуван во грчкиот Парламент, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров.

– Оваа седмица или на почетокот на идната треба да се потпише Протоколот за НАТО. Потоа тој треба да се врати во грчкиот Парламент на ратификација. Се надевам дека потоа сите наши пријатели, а меѓу првите е Литванија, ќе го ратификуваат Протоколот во нивните собранија. Штом се ратификува во грчкиот Парламент ќе го добиеме столчето во Алијансата. И тогаш стапуваат во сила уставните измени и другите одредби од Преспанскиот договор, рече Димитров на трибината во МНР организирана од Инфо центарот за евроатлантски интеграции на која присуствуваше и министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус кој е во официјална посета на Македонија.

Тој истакна дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува по првпат на состанок на министрите за одбрана на 13 и 14 февруари во Брисел, а тој како министер за надворешни работи во април на Министерскиот состанок на НАТО во Вашингтон.

Инаку, право на глас Македонија ќе добие штом се потпише Вашингтонската повелба на НАТО.

Според процедурите, Преспанскиот договор треба да биде испратен во ОН каде треба да добие потврда од Советот за безбедност дека е решен спорот за името.

Поврзани новости