Има условен напредок во преговорите, бидејќи како одиме напред доаѓаме до потешките прашања, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по седумчасовната средба со грчкиот колега Никос Коѕиас и со медијаторот во спорот за името Метју Нимиц во Виена.
-И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина – рече Димитров.
И Нимиц истакна дека има позитивен напредок во преговорите, но остануваат тешки прашања што треба да се надминат.