Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за МКД.мк ги коментира тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека може да обезбеди подобар договор со Грција за името. Како што вели Димитров, не може некој да биде за членство во ЕУ и НАТО, а да биде против Договорот што ја отстранува пречката. Тој што е против Договорот, додава, треба да понуди друг пат по целта.
„Како да веруваме на тврдењето на опозицијата дека ќе направела подобар договор? Тоа го тврди и грчката опозиција. Двете тврдења заедно водат кон немање договор, кон враќање во чекалната. Па зошто тоа не го направија досега? Затоа што наместо со разговори, наместо со обид за решавање, низ антиквизацијата, беа зафатени со дополнително компликување на прашањето. Наместо пријатели, им требаа непријатели, за да тажиме и да му се лутиме на светот колку е неправеден. Конечно, да не заборавиме дека пропуштивме многу европски возови и дека патот кон нашата стратешка цел е сѐ потесен и потежок. Наша должност е да направиме сѐ што можеме за да се качиме на овој воз, бидејќи никој не знае кога и дали ќе има друг“, вели Димитров.
Министерот нагласува дека идентитетот на македонската нација е заштитен затоа што, вели, Договорот прави дистинкција меѓу државата Македонија од регионот Македонија во Грција.
2Истовремено, преку членот 7, укажува дека на поимите Македонија и македонско, им се придава различно значење во двете држави. Договорот е компромис што ги покрива најважните грижи на двете страни и гради мост за пријателство и идно сојузништво и стратегиско партнерство. Со договорот, двете страни растат и се помируваат, бидејќи не можат да ја сменат својата географија и минато, но можат да влијаат врз својата и заедничката иднина“, посочува тој.