Димитров: ЕУ без одложување да постигне консензус за почеток на преговорите

by fokus

Северна Македонија е заинтересирана што е можно поскоро Европската комисија да го изработи и претстави пред земјите членки својот предлог за подобрување на пристапниот процес. Укажа дека земјата покажала високо ниво на зрелост и мудрост и ќе го продолжи засилениот ангажман во правец на исполнување на ЕУ реформите.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на пленарната сесија насловена „Заживување на европската перспектива на Западниот Балкан“, на конференцијата во Берлин „Балкански дијалози“ во ко-организација на Минхенската безбедносна конференција, Институтот Ист-Вест и Белградскиот фонд за политичка извонредност (БФПЕ).

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров, истакна дека во меѓувреме, добредојдени се сите добронамерни размислувања кои ќе придонесат за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и кои ќе ги направат преговорите подобро структурирани, поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни. Шефот на дипломатијата потенцираше дека економската интеграција во ЕУ не може да се одвива без својот политички дел, ниту да се нуди како привремена замена за полноправно членство.

– Северна Македонија, преку процесот на стабилизација и асоцијација, 15 години се подготвува за членство и има постигнато високо ниво на усогласеност во многу области на законодавството на ЕУ. Со оглед и на историските и храбри исчекори во надминување на сензитивни билатерални прашања, земјата без никакви дилеми го заслужи почеток на преговорите, истакна Димитров.

Тој ја нагласи важноста и потребата членовите во Советот на ЕУ без одлагање да постигнат консензус за почетокот на преговорите со Северна Македонија.

– Јасната европска перспектива и крајната цел за полноправното членство треба да бидат недвосмислено потврдени со конкретни дела, бидејќи истото е од заемен интерес за регионот на Западен Балкан и за ЕУ. Без таа јасна перспектива напорите за решавање на преостанатите важни билатерални спорови во регионот ќе останат залудни, оцени Димитров.

Поврзани новости