Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во реплика кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека се уште живеат во 19 век. Тој рече дека е згрозен од навредите и клеветите кои пратениците на опозицијата ги искажале за него на денешната собраниска седница за интерпелација и повтори дека никогаш не бил член на политичка партија.
-Од 96-та година до денес правам се што мислам дека е добро за мојата држава и мојот народ – рече Димитров.
Пратениците му довикуваа од своите места на што тој реагираше.
-Ма немој, вие ќе бидете тој судија кој ќе одлучува кој е за народот, а кој не е. Партијата не е народот, вие треба секое утро тоа да си го повторувате, „државата не е партијата, Македонија не е партијата“. Ние ќе ве чекаме во 21 век, ќе бидеме трпеливи, ќе направиме се од себе и од вас да направиме пријатели. Ако сакаме од други држави да направиме пријатели, ќе се обидеме и од вас. А избори кога сакате, да видиме дали народот сака да живее во 21 век, или во 19 век – рече тој.