Димитров: Да се тврди дека нечиј идентитет е вештачки, фалсификат, е неписмено

by Fokus

Да се тврди дека нечиј идентитет е вештачки, фалсификат е неписмено, пишува на својот Фејсбук профил поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, а поттикнат од реакцијата на Румен Радев.

„МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ Е ФАЛСИФИКАТ НА КОМУНИСТИЧКАТА ИНТЕРНАЦИОНАЛА, рекол Радев. Да се зборува за идентитетот на друг човек, а не па за идентитетот на друг народ, е дрско, безобразно и непристојно. Прашањето за идентитетот, во меѓународното право е внатрешно прашање. Тоа прашање може да го одговори само народот на кој се однесува прашањето и никој друг.

Да се тврди дека нечиј идентитет е вештачки, фалсификат е неписмено. Сите нации на светот се општествени творби, општествени конструкции. Резултат на конкретен и сложен сплет на историски настани и процеси. Бидејќи тука не се работи за гените, тука се работи за чувство на заедништво. Поделбата на природни и вештачки од природните науки оттука е неприменлива во овој контекст“, пишува Димитров во својата објава и додава:

„Конечно, нашите пријатели и партнери од демократскиот свет треба да се одважат и да застанат јасно зад принципите што ги застапуваат. Светот меѓу другото ни е на ова дереџе токму поради молкот тогаш кога треба да се застане на страната на принципите. Вакви изјави и услови се срамни и недозволиви во европски рамки. Повикот “решете си го спорот” легитимира и го разјадува и идентитетот на ЕУ.

Оти, ако од еден европски народ се бара да не биде посебен народ, да не биде тоа што е, да прифати дека бил фалсификат замислете, како услов да влезе во семејството, каде е ЕВРОПСКОТО во тоа семејство?

Си имаме проблем со политиката на една земја членка драги пријатели и тоа не е само наш туку е и ваш проблем. Постојано велев и пак ќе кажам: оваа битка не е само за македонскиот идентитет, туку и за европскиот, и идентитет и образ. Оваа битка е и за вистинското македонско-бугарско пријателство и покрај најдобрите напори на сегашната бугарска политика да го ничкоса“, се наведува во објавата на Димитров.

 

Поврзани новости